(Видео) Краделе археолошки предмети – полицијата фати 12-мина
Имено, на 12.12.2022 со судски наредби извршени се претреси на вкупно 27 локации кај 23 лица, при што пронајдени и привремено се одземени разни археолошки предмети, монети, метални предмети, фигури, метал детектори и опрема за метал детектори, скици, оружје, муниција, дрога, ваги и природни реткости, по што 11 лица се лишени од слобода, а по едно се трага.
Пријавените С.Џ. и З.А., во периодот од декември 2021 до декември 2022 година, со цел стекнување на противправна имотна корист создале злосторничко здружение во кое како членови за целиот временски период или повремено партиципирале останатите кривично пријавените лица. Целта на формирањето на оваа добро организирана и строго контролирана криминална група била стекнување на противправна имотна корист која произлегува од извршените кривични дела, присвојување и изнесување во странство на добра под привремена заштита, културно наследство или природни реткости.
Пријавените организатори и членови на злосторничкото здружување, во наведениот период континуирано разменувале информации за локалитети, метал детектори и други апарати и алати, нуделе на продажба пронајдени предмети, вршеле истражувања на различни локации со цел пронаоѓање и ископување на археолошки предмети на повеќе локации низ државата кои ги продавале на заинтересирани лица во државата и во странство.
Како што соопшти портпаролот на МВР, Сузана Прањиќ Талевска, дополнително, при извршените претреси, кај две лица, кои не се дел од организираната криминална група, констатирани се две кривични дела, за кои против нив ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави. Имено, кај С.Р.(78) од с.Обедник, демирхисарско, пронајдени се ловна пушка и муниција кои ги поседувал без дозвола и против него ќе биде поднесена пријава по чл.396 ст.1, додека кај В.С.(61) од Куманово пронајдени се марихуана, вага и природни реткости и против него ќе биде поднесена соодветна кривична пријава за кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори“ по член 215 став 1, „прикривање“ по член 261 став 3 и „присвојување на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости“ по член 265, сите од Кривичниот законик