(ВИДЕО) Корона вирусот не го замолчи Мицкоски


Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и од самоизолација се обрати преку соопштение и видео за да каже дека политиката на Владата за справување со економските последици од епидемијата не е доволна. Мицкоски, сѐ на сѐ издржа два дена молк, a дека му е добро се виде од должината на обраќањето, дури три полни страници.

„Денеска е вториот ден од мојата лична самоизолација, се чувствувам одлично, и здравствено и физички. Денот го искористив за анализа на веста којашто пристигна во раните утрински часови, а тоа е дека ММФ ѝ додели заем на Македонија во вредност од 176 милиони евра, средства коишто треба да бидат наменети за поддршка на здрравствениот сектор и макроекономската стабилност на државата. ВМРО-ДПМНЕ активно преку техничкиот заменик-министер во Министерството за финансии учествуваше во изготвување и поддршка на апликацијата пред ММФ“, порача Мицкоски во видеото.

Тој, повикувајќи се на прогнозата на ММФ за растот на Македонија, даде и своја проценка за економските проблеми што ја чекаат Македонија, прогнозирајќи задолженост до 70 отсто, што ќе биде историски највисока досега.

„Имајќи ги предвид макроекономските политики на нашата влада и задолжувањата во периодот којшто следи, но истовремено имајќи ја предвид информацијата на Меѓународниот монетарен фонд дека наместо згоемување на БДП за 3,8 проценти до ниво од 12 милијарди евра ќе имаме намалување од 4 отсто до ниво од 11 милијарди евра или нешто помалку од тоа, намалување на приходната страна во буџетот. Можам да истакнам дека ни претстои навистина предизвикувачки период, но не само сега во оваа 2020 година, туку и годините коишто следат после 2020 година, бидејќи се очекува кога сето ова ќе се анализира и емпириски ќе се докаже, да имаме зголемување на бруто домашниот долг некаде околу 65 до 68, а можеби и до 70 отсто од нивото на бруто домашниот производ, што навистина претставува исклучително голема бројка и историски најголема од осамостојувањето до денес“, вели Мицкоски.

Според него, поради овие причини важно да имаме робусна и хируршки прецизна акција кон стопанството во насока на поддршка, за да ги оддржиме компаниите и бизнисите живи и да ги одржиме вработените во рамките на тие компании. За да може веднаш по совладување на здравствената пандемија предизвикана од Ковид 19 вирусот да започне економска стабилизација на Македонија, со оценка дека сепак она што го презема владата е недоволно во таа насока.