Видео конференција на Вархеји со министрите од Западен Балкан


Министерот за надворешни работи Никола Димитров денес учествуваше на видео конференција со еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји заедно со министрите за надворешни работи од земјите во регионот.Конференцијата се одржа во функција на подготовка на Самитот ЕУ-Западен Балкан во рамките на хрватското претседателство на ЕУ, кој исто така заради настанатите околности наметнати со пандемијата на КОВИД 19 ќе се одржи во форма на видео конференција на 6 мај оваа година.

 На конференцијата се потврди важноста на блиската соработката меѓу ЕУ и регионот во досегашното справување со кризата. Посебно внимание се посвети на планирањето на идните механизми и активности со цел ублажување на сериозните економско –социјални последици од пандемијата. 

Министерот Димитров во своето излагање се заблагодари на досегашната добиена помош од ЕУ насочена кон ургентно справување со здравствените и економски предизвици на земјата. Тој ја истакна и одличната регионална соработка и координација во воспоставувањето на т.н. зелени коридори за непречено движење на примарните производи во Регионот.

  “Кризата предизвикана од пандемијата со КОВИД 19 е тест за европската солидарност и меѓусебната соработка. Од особена важност е координирано и заедничко планирање на сите натамошни активности и пообемна финансиска подршка од страна ЕУ за економско опорувување и справување со последиците. Притоа исто така важно е што побрзо да се продолжи со европската агенда и динамиката на ЕУ пристапниот процес кој претставува клучна влечна сила за регионот“, порача Димитров на конференцијата.

 Од страна на еврокомесарот Вархеји беше реафимирирана подготвеноста за натамошна подршка и беа претставени двата планирани инструменти: Комуникацијата на ЕК за поддршка на регионот во справувањето со КОВИД-19 и постпандемското закрепнување, како и поамбициозниот план кој ќе биде претставен наесен во форма на поробусен социо-економски пакет односно т.н. економски и инвестициски план за Западен Балкан.