(ВИДЕО) Коалицијата „За подобра Македонија“ стана коалиција „За обнова на Македонија“


На вечeрашната средба на коалициските партнери им предложив, а тие едногласно прифатија Kоалицијата „За подобра Македонија“ да се преименува во коалиција „За обнова на Македонија“ и немаше забелешки за датумот на предвремените парламентарни избори, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

-На Македонија и е потребна обнова после овој арамилак што и се случува веќе трета година по ред. Ветуваме многу работа и расчистување со сите криминали кои се провлекуваа во минатото и расчистување со арамилукот што со години го следи македонското општество. Ветуваме реформи во многу сегменти, меѓу кои враќање на владеењето на правото, бескомпромисна борба и нула толеранција за криминалот и корупцијата, а потоа економски бум и Македонија технолошки тигар на Балканот, изјави Мицкоски пред седиштето на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој нагласи дека тоа практично ќе бидат столбовите на кои ќе се темели новата предизборна кампања на Коалицијата „За обнова на Македонија“ и додаде дека на состанокот ги информирал коалициските партнери за темите за кои се разговарало на лидерската средба кај претседателот Стево Пендаровски.