(ВИДЕО) „Камп Ноу“ е храм на фудбалот, а Меси е бог, Барса убедлива против Ливерпул


Вечерва на „Камп Ноу“ Барселона го пречека Ливерпул во првиот полуфинален меч од Лигата на шампионите. Гостите одиграа добар меч, но Барселона ги казни сите грешки и победи со 3:0.

Јирген Клоп во пресрет на мечот истакна дека „Камп Ноу“ не е никаков храм на фудбалот, туку обичен стадион, а се чини дека тоа на Лионел Меси и неговите соиграчи не им се допадна.

Мечот започна жестоко на двете страни. Беа видени неколку опасни напади од двете екипи, а Ливерпул покажа дека е дојден по позитивен резултат на „Камп Ноу“.

На првиот гол се чекаше до 26 минута. Видал го проигра Кутињо, Бразилецот ја остави топката на Алба кој одлично нафрли пред голот на Ливерпул, а Луис Суарез одлично втрча меѓу дефанзивците на гостите и погоди за водство на Барселона.

Играчите на Ливерпул не се откажаа по примениот гол, продолжија да играат во фантастичен ритам, а одлична шанса за израмнување имаше Садио Мане во 35 минута, кој се обиде од прва да го матира Тер Штеген, но не ја зафати топката најдобро која отиде високо над голот.

На одмор се замина со предност на Барса од 1:0, а Ливерпул многу поагресивно влезе во продолжението.

Првите 15-тина минути од вториот дел мина во теренска иницијатива на „Црвените“ од Англија, кои за тоа време имаа неколку добри шанси.

Барселона успеваше да ја прекине теренската иницијатива на Ливерпул со противнапади. Барса се бранеше, па и ритамот на натпреварот опадна во однос на првото полувреме. Ливерпул се обидуваше да дојде барем до еден гол, но не успеа. Од друга страна, Барса сурово ги казни грешките на гостите.

Луис Суарез се најде во фантастична ситуација, но ја погоди пречката. Во тој момент застанаа играчите на Ливерпул, но не застана и Лионел Меси кој ја прими одбиената топка и се прошета во голот на гостите во 75 минута за 2:0.

Гостите по ова почнаа уште пожестоко да напаѓаат, но Барселона го искористи просторот и почна се почесто да се заканува на голот на гостите.

А потоа во 82 минута слободен удар за Барселона и нова магија на Лионел Меси. Аргентинецот фантастично шутираше од 27 метри, а голманот Алисон со фантастична парада го разубави неговиот гол за 3:0.

Неколку моменти подоцна Ливерпул имаше фантастична шанса да дојде до гол. Прво ударот на Фирмино од гол-линијата го отстрани Ракитиќ, за одбиената топка Салах да ја испрати во стативата.

До крајот остана 3:0 за Барселона која имаше уште три стопроцентни шанси да го дотолчи противникот, но сепак со фантастичен резултат патува на реваншот на „Енфилд“ и веќе со едната нога е во финалето од ЛШ.