(ВИДЕО) Измерен најголемиот бран на Јадранот, научниците велат дека ова е само почеток


Јадранот во вторникот беше погоден од една од најсилните бури во историјата, а југото кое го погоди Сплит е најсилниот ветер што дувал во овој век, пренесува Index.hr.

Невремето особено беше силно во Далмација кое носеше сè пред себе. Корнеше дрвја кои паѓаа по автомобили. Многу патишта беа блокирани, а службите соопштуваат дека штетата е голема.

Воедно, во вторникот е измерен највисокиот бран во Јадранското Море со висина од 10,87 метри.

Со климатските промени, ќе се зајакнат сите метеоролошки феномени кои резултираат во вакви временски непогоди, пишува хрватскиот портал Index.hr.

Геофизичарот Мирко Орлиќ, специјалист за цунами, вели дека кај Дубровник во вторникот на 12 ноември е измерен највисокиот бран со висина од 10,87 метри. Ветерот и брановите се само дел од приказната за поплавите какви што малкумина во Хрватска паметат. Другиот дел е високото ниво на морето.

„Арктичкиот мраз годинава, кон крајот на октомври, беше на рекордно ниско ниво, најнизок досега, а сега е изедначен со претходното најниско ниво од 2012 година. Тоа е поврзано со глобалното затоплување кое не е униформирано и еднакво низ целиот свет, туку е поголемо кај половите, а помалку изразено на екваторот“, нагласува Орлиќ. Тој вели дека тековните настани на Јадранот се еден вид поглед кон иднината.

Во последните триесет години нивото на морето во Јадранот е зголемено за околу седум сантиметри. Најпрво се зголемувало побавно низ целиот Медитеран, но во последниве години нивото е изедначено со порастот на океаните во целиот свет.

Морето ги поплави пониските делови од крајбрежјето, а во неколку града граѓаните добивале и вреќи со песок за да ја сопрат водата да навлезе во нивните домови. Поплави биле забележани од Дубровник, Омиш, Трогир и Шибеник, па се до Истра и островите.