(Видео) Изјави на Мицкоски и на кандидатите на коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ


 

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање околу заедничката фотографија на Маја Мојсовска и кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за Карпош, Сотир Лукровски и дали постои договор за поддршка со СДСМ избегна директно да одговори и место тоа постави контра прашање – дали СДСМ ќе поддржи кандидат што е на црната листа на САД.

– Карпошани на овие избори избраа да не поддржат човек кој е на црната листа на нашиот стартешки партнер САД, избраа да не поддржат човек којшто е осуден за криминал од прв степен од Основниот суд. Карпошани во првиот круг му дадоа огромна доверба на Сотир Лукровски, кој пред неговиот противкандидат води со 1.500 гласа разлика. Претпоставувам дека останатите кандидати и политички чинители во Македонија исто така ќе се согласат со ова што ќе го кажам, а тоа е дека нема да поддржат кандидати кои се наоѓаат на црната листа поради криминал кај нашиот стратешки партнер САД и нема да поддржат осудени во прв степен кои на овие локални избори излегуваат и се обидуваат со старите трикови да ја добијат поддршката на карпошани, рече Мицкоски.

Тој појасни дека во тој контекст ја гледа и средбата меѓу кандидатката на СДСМ Маја Мојсова и како што рече, идниот градоначалник на Општина Карпош Сотир Лукровски.

– Можеби вистинското прашање за претседателот на СДСМ е дали тој поддржува лице кое е на црната листа за сторен криминал кај нашиот стратешки партнер и дали поддржува лице кое е осудено во прв степен заради сторен криминал. Можеби тоа е вистинското прашање, оцени лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Венко Филипче, денеска на прес-конференција рече дека нема никаков договор за поддршка на кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ и генерално ги повика граѓаните наклонети на неговата партија да гласаат по сопствено убедување, практиќно не давајќи јавно поддршка ни на Јакимовски.

Во однос на комбинаториките и поддршката на ВМРО-ДПМНЕ за партии и кандидати во вториот круг, Мицкоски рече дека е недвосмислена поддршката за кандидатот за Општина Центар од ЗНАМ, Мирослав Лабудовиќ.

– Јасно е моето присуство денеска затоа уште на самиот почеток кажав јасна недвосмислена и директна е поддршката којашто ја има Мирослав Лабудовиќ овде во Центар како кандидат за градоначалник и иден градоначалник за општина центар од редовите на движењето ЗНАМ. Јасна и недвосмислена е нашата поддршка за Максим Димитриевски во вториот круг во Општина Куманово, јасна и недвосмислена е нашата поддршка во сите општини каде што нашите коалициони партнери имаат трет противник, рече Мицкоски.

Тој кажа и дека неговото присуство вчера во Струга значело јасна и недвосмислена поддршка за независниот кандидат кој после првиот круг води во однос на неговиот противкандиат во Општина Струга, Менди Ќура.

Kандидатот за градоначалник на Град Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски рече дека оваа кампања била вистинска можност да се сретне со граѓаните не само во Центар и Кисела Вода, туку и со скопјани од сите делови на градот, за подобро да се согледаат проблемите со кои се соочуваат и дека е среќен што „Скопје конечно е будно и спремно за промени“.

-Повикувам на масовна излезеност во недела, на масовна референдумска излезеност, што е можно повеќе граѓани да излезат на гласање. Од понеделник ги засукуваме ракавите и започнуваме со темелни промени на нашиот главен град, порача Ѓорѓиевски.