(ВИДЕО) Интер славеше во дербито со Борусија, Барселона едвај ја победи храбрата Славија


Со вечерашните натпревари во Лигата на шампионите ширум Европа беше ставен крај на третото коло од групната фаза во најелитното клупско фудбалско натпреварување.

Најголемо внимание привлече дербито на вечерта во Милано каде се соочија Интер и Борусија Дортмунд.

Домаќините предводени од Антонио Конте на клупата покажуваат дека сезонава ќе бидат сериозен противник за секоја екипа во Лигата на шампионите. „Нероазурите“ дојдоа до водство во 22. минута кога Де Врај одлично го проигра Лаутаро Мартинез кој стрелаше за 1:0.

Гостите од Дортмунд во продолжението дадоа се од себе за да дојдат до израмнување, но не успеаја. „Милионерите“ имаа неколку добри шанси, но Хандановиќ со одлични интервенции го спасуваше Интер и го остави во борба за место во нокаут фазата. Интер имаше шанса да ги казни промашувањата на Борусија во 83. минута, но Лаутаро Мартинез промаши пенал. Сепак, Интер ги разреши сите дилеми во 89. минута кога Кандрева погоди за 2:0 по асистенција на Брозовиќ.

Во истата група во Прага се соочија домаќинот Славија и Барселона. Домаќините одиграа фантастичен натпревар против Барселона и беше на чекор од сензација, но гостите благодарение на квалитетот и искуството некако успеаја да дојдат до трите бода. Каталонците одлично го отворија натпреварот и до предност дојдоа веќе во 3. минута.

Артур одлично го проигра Меси кој рутински погоди за 0:1. По ова домаќините доминираа на теренот. Славија имаше неколку неверојатни шанси за погодоко, но Тер Штеген со спектакуларни одбрани доминираше на голот и го спасуваше својот тим.

Славија успеа да дојде до израмнување на почетокот од второто полувреме. Масопуст го проигра Борил кој фантастично шутираше и го совлада Тер Штеген за огромно славје на трибините.

Но, радоста траеше кратко бидејќи Барселона повторно поведе. Меси изведен еден прекин, а во петерецот на гостите одлично се снајде Суарез кој едвај спаси една топка од гол-аут, сакаше да ја врати на пеналтикот, а топката се одби од Олајинка и заврши во мрежата на домаќините.

Славија до крајот вршеше неверојатен притисок и имаше неколку шанси, оставаше многу простор за Барселона која требаше и мораше да го заврши натпреварот, но од необјасниви причини гостите правеа аматерски грешки, пред се Меси, кој и покрај тоа што имаше неколку фантастични потези на натпреварот, веројатно направи исто толку грешки кои не се гледаат секој ден од него.

Наполи на нашиот Елиф Елмас имаше тешко гостување во Салцбург, но на крајот успеа да дојде до трите бода во неверојатниот натпревар полн со пресврти.

Мертенс ги доведе Наполитанците во водство во 17. минута, а во 40. минута Салцбург израмни преку вундеркиндот Халанд кој беше прецизен од пенал. Мертенс ги врати гостите во водство во 64. минута, а Халанд повторно го врати мечот во егал во 72. минута. Сепак, радоста на домаќините траеше неполна минута бидејќи Инсиње по асистенција на вечерва неверојатниот Мертенс ги постави конечните 2:3. Нашиот Елиф Елмас доби шанса да влезе во игра во 80. минута и одигра сосема солидно.

Во истата група европскиот првак Ливерпул гостуваше кај Генк и дојде до убедлива гостинска победа од 1:4. Гостите играа во комбиниран состав, а херој дефинитивно е Алекс Окслејд Чемберлејн кој по долгото отсуство поради тешка повреда успеа да постигне два гола. Англичанецот веќе во 2. минута ги доведе гостите во водство, а во 57. минута постигна неверојатен погодок за 0:2.

Точно 20 минути подоцна Садио Мане, кој вечерва ги излудуваше домашните дефанзивци со своите потези, зголеми на 0:3, а во 87. минута Салах со прекрасен гол погоди за 0:4. Почесниот погодок за домаќините го постигна Одеј во 88. минута.

Возбудливо беше и во Лисабон каде Бенфика дојде до трите бода против Лион. Домаќините поведоа во 4. минута од мечот, а тој резултат важеше се до 70. минута кога Лион конечно дојде до израмнување по одличната игра која ја воспостави на теренот. Депај го израмни резултатот на 1:1, но Пици во 86. минута ги постави конечните 2:1 по грешката на голманот на гостите.

Лил на домашен терен ја пречека Валенсија и одиграа 1:1. Во натпревар во кој еден час не се случуваше буквално ништо, на крајот се испостави како навистина драматичен. Најпрво гостите преку Черишев во 63. минута поведоа со 0:1, а Лил имаше јалова иницијатива. Сепак, како што се наближуваше крајот, притисокот растеше, а со тоа и тензиите на теренот. Диакаби за само две минути заработи два жолти картони и Валенсија остана со играч помалку, по што Лил продолжи уште повеќе да притиска. Наградата дојде во 95. минута кога Иконе со прекрасен погодок спаси бод за домаќините и ги постави конечните 1:1.