(ВИДЕО) Инфективната клиника ќе се прошири со мобилна болница


Фото: Б. Грданоски

Министерот Венко Филипче најави  нова мобилна болница до Инфективната клиника  во Скопје со која ќе се дуплира капацитетот за прием на болни од корона вирусот. Мобилната болница ќе биде поставена наредната недела и со неа ќе се добијат уште  130 кревети. Таа болница ќе биде со тоалети и со суви ходници.

Филипче оцени дека во овој момент сме подготвени да прифатиме и поголем број на пациенти, дека здравствените работници целосно се мобилизирани и дека дел од болните се излекувани.Тој повтори дека и натаму немаме автохтоно жариште, но треба да се почекаат резултатите од болницата во Козле. Тие што се враќаат од странство се целосно, според него, под контрола, а растот на болни е линеарен, така што се надева дека бројот на заболените нема да расте многу.

Во однос на  Заводот за рехабилитација во Козле, откако вчера и таму беше детектиран заразен пациент со коронавирусот, тој рече дека од понеделник можно е во оваа здравствена институција да работи само амбулантскиот дел.

 

Министерот информираше дека е откриен заразен пациент на член на резервниот тим на Клиниката за кардиологија и дека се прават сите анализи и анкети со лица кои биле во контакт со овој здравствен работник. Но тој ги отфрли критиките дека здравствените работници не се доволно заштитени нагласувајќи дека ниту еден од тие што работат на Инфективната клиника, каде што се лечат заразените, не е заразен од корона вирусот. Вкупната бројна на заболени здравствени работници е 17, но добар дел од нив, според него, не биле свесни дека имаат контакт со заболен, така што тоа не се должи на непочитувањето на протоколите. На Клиниката за кардиологија работата се одвива сосема нормално и е ангажинан  друг тим што не бил во контакт со заразата.