(ВИДЕО) Хрватска: Најдолгата европска змија снимена во обид да се качи на брод


На социјалните мрежи во Хрватска се појави снимка од змија која плива во морето и се обидува да се качи на брод меѓу островите Какан и Боровњак Велики во близина на Шибеник.

Андреј Симчиќ, кој ги проучува рептилите на територијата на Хрватска, врз основа на снимката вели дека станува збор за четирипругаст кравосас, најдолгата европска змија, која може да порасне до 2 и пол метра, но која не е отровна, пренесува хрватскиот портал „Морски“.

„Сите змии пливаат, а за оваа на снимката тоа и не е некоја особена реткост. Можеби била на дрво над морето, па паднала во вода, а тоа што сака да се качи на бродот е природно бидејќи сака што побрзо да дојде на суво“, вели Симчиќ.

На територијата на Хрватска постојат три вида змии отровници, а како што се вели, нивното каснување е проблематично само за луѓе со послаб имунитет.