(Видео) Хаос во САД: Ураганот Хана го погоди Тексас


 

Ураганот Хана го погоди Тексас во саботата, следен со големи бранови, а се заканува да предизвика поплави дури и торнада.

Сето тоа во делови од државата која се обидува да се избори со пандемијата од корона вирус.

Првиот ураган сезонава на Атлантикот два пати удри на копно во еден час, како бура од прва категорија, пренесе АП.

Ураганот го погоди копното околу 17 часот, околу 24 километри северно од Порт Менсфилд, односно 209 километри јужно од Корпус Кристи, проследен со ветрови со јачина од 145 километри на час, соопшти Националниот центар за урагани.

Многу делови на Тексас, вклучително и подрачјето зафатено со бура, минатите недели се соочуваат со нагло растење на бројот на заразени од корона вирус, но локалните функционери наведуваат дека се подготвени за сите можни последици од ураганот.

Гувернерот Грег Абот прогласи состојба на катастрофа во 32 окрузи кои се наоѓаат на патот на бурата.

„Не можеме да дозволиме овој ураган да доведе до уште покатастрофална и посмртоносна ситуација, со поттикнување на понатамошно ширење на Ковид-19 што може да доведе до жртви“, рече Абот.

Бројот на новозаразени во местата по должина на брегот на Тексас нагло порасна на десетици илјади, а повеќе од 400 од 325.000 жители на Корпус Кристи се во болница.

На жителите во округот Келберг наредено им е да се евакуираат пред да стигне ураганот. Градоначалникот на Корпус Кристи, Џо Мекомб ги повика граѓаните да не излегуваат до дома додека не помине бурата.

„Не излегуваме од дома пет месеци поради корона вирусот. Значи, тоа не е многу популарно, но е навистина важно“, порача Мекомб и додаде дека жителите би требало да носат маски ако мора да се евакуираат.

Се очекува ураганот Даглас денеска да ги погоди Хаваите.

Се предвидува дека постепено ќе слабее, но дека и понатаму е следен со силни ветрови и дождови.

Националниот центар за урагани предвидува дека Даглас може да се движи над главните острови на Хаваите доцна во сабота или рано во недела.

На Хаваите заради пандемијата со корона вирусот има многу малку туристи што не е вообичаено за овој период од годината, но тоа ги олеснува подготовките за ураганот.