(Видео) Градоначалниците во Италија губат трпение: Ќе ви пратиме полицајци со фрлачи на пламен


Италијанските градоначалници, револтирани од фактот дека граѓаните не ги почитуваат мерките пропишани за сузбивање на корона вирусот, почнаа да објавуваат снимки за да ги вразумат.

„Мора да сте дома, не смеете да бидете овде. Не гледајте ме така, мора да одите дома, не е дозволено да сте надвор. Ајде!“, вика градоначалникот Антонио Декаро на граѓаните кои седеа покрај море.

„Малку да ги брцнеме нозете во море“, се бунат тие.

„Ајде дома“, неумолив е Декаро, градоначалникот на Бари.

Како што се гледа на снимката, потерата ја продолжи крај брегот.

„Не е дозволен пинг-понг, ајде дома, играјте плеј-стејшн“, продолжува тој, кога затекна двајца што на плажата играа пинг-понг.

Снимката ја објави на социјалните мрежи, очајнички обидувајќи се да ги натера луѓето да не излегуваат од дома. Слични објави имаа и другите градоначалници на италијанските градови.

„Никој да не излегува од дома! Никој не може да излезе од Месина„ Тоа е наредба и затоа внимавајте!, порачува Катено де Лука.

„Па каде одите со тие кучиња?! Мора да бидете дома! Па, луѓе умираат, го сфаќате ли тоа?“, вика очајно градоначалникот на градот Гуалдо Тадино, Масимилијано Прескјути.

„Сакате сите да се разболиме?! Вие сте неодговорни идиоти, колосални идиоти“, вика тој.

„Слушам некои сакале да организираат журки. Ќе ви пратиме полиција вооружена со фрлачи на оган“, кратко вели Винченцо де Лука од регионот Кампања.

„Ништо нема да се случи ако не излезете овие денови. Ништо! Не грижете се, останете дома и ќе ви биде добро“, вика на своите граѓани Антонио Тотуло.

„И овие фризери што ви доаѓаат дома, за кој ѓавол се тие тука? Кој ќе ве види? Разбирате ли дека лешот во ковчегот ќе биде затворен? Ќе имате корона вирус во косата место лак за коса“, вика очајно политичарот.

„Видов еден како среќно џогира со видливо изморено куче. Му реков ова не е филм, ти не си Вил Смит и оди дома“, вели Џузепе Фаломата.

„Како ќе биде се во ред ако секој ден одите во продавница? Треба да одите во набавка еднаш во десет дена. Како ќе биде се во ред, ако луѓето секој ден одат по цигари? Стојат во колони на бензински. Па, зошто ви е бензин ако мора да бидете дома?“, се обиде да објасни Џанфилипо Банчери.

„Луѓе умираат, го сфаќате ли тоа?! Па вие ќе ме убиете и мене, но од срцев удар“, заклучува на крајот Антонио Декаро.