(Видео) Гори авион во Токио, се запали при слетување. Евакуирани се 367 патници


При слетување на аеродром во Јапонија се запалил авион, јавуваат светските агенции.

Станува збор за авион на Japan Airlines, а несреќата се случила на аеродромот „Ханеда“ во Токио. Во авионот имало околу 400 луѓе, според информациите кои светските медиуми ги пренесоа од јапонската телевизија, сите се евакуирани.

Пожарот настанал по судир со авион на крајбрежната стража?
Запалениот авион можеби учествувал во судир со авион на крајбрежната стража, објави јапонската телевизија Нипон. Крајбрежната стража соопшти дека ги истражува наводите.

Јапонски ерлајнс објави слично велејќи дека авионот се судрил со авион на јапонската крајбрежна стража по слетувањето на аеродромот Ханеда.

Сѐ уште не е јасно што точно се случило.

Сите патници се евакуирани
Како што објави телевизијата НХК и објавија светските медиуми, сите околу 400 патници се евакуирани.

Малку подоцна Japan Airlines објави дека сите 367 патници и 12 членови на екипажот се евакуирани.

„Сите патници на летот се евакуирани. Околу 367 патници се наоѓале во авионот, со уште 12 членови на екипажот – што значи дека се евакуирани вкупно 379 лица“, соопштија од Japan Airlines.

„Ханеда“ е еден од најпрометните аеродроми во Јапонија.