(Видео) Голем пожар на островот Паг, евакуирани 10.000 луѓе


Голем пожар избувна синоќа, околу еден часот по полноќ, во боровата шума на плажата Зрќе, кај градот Новаља на хрватскиот остров Паг, соопшти полицијата.
Во тек е гаснење на огнот, а илјадници луѓе се евакуирани.
Како што изјави портпаролката на полициската управа на Личко-сењската жупанија, Маја Брозичевиќ, евакуирани се околу 10.000 лица, бидејќи на местото кадешто зафатил пожарот се одржувал Фреш Ајланд фестивал.
Пожарот го гаснат три авиони и голем број пожарникари. Силната бура го отежнува гаснењето на огнот, кој се проширил до патот Новаља – Паг. Според првичните информации нема повредени во пожарот.
– Повеќе нема отворен оган, ни пламен, но целото згариште мора да се стави под контрола. Изгореа околу 5 хектари шума. Нема повредени – рече градоначалникот на Новаља, Анте Дабо за Антена Задар.