Голем мост во Балтимор се урна по удар на брод, на него имало автомобили (Видео)

Според извештаите на локалните медиуми, товарен брод удрил во мостот околу 1,30 ноќе. Бродот прво се запалил, а потоа мостот се урнал


Денес во американскиот град Балтимор, во државата Мериленд, се урнал голем мост откако во него удрил брод, кој потоа се запалил. Мостот „Френсис Скот Ки“ е дел од патните правци кон југ и север на автопатот Interstate 695,

Според извештаите на локалните медиуми, големиот брод удрил во мостот околу 1:30 ноќе. Бродот прво се запалил, а потоа мостот се урнал.

Со мостот во реката Патапско паднале неколку автомобили. Уривањето на мостот го снимиле надзорните камери.

 Се смета дека најмалку 20 работници паднале во вода по уривањето на мостот во Балтимор, изјави за Би-Би-Си Кевин Картрајт од противпожарната служба на Балтимор.

Тој претходно рече дека спасувачи трагаат по најмалку седум лица во реката Патапско.

Картрајт нагласи дека условите за спасување се несигурни бидејќи делови од држачите сè уште висат од мостот, што значи дека спасувачките тимови мора да работат многу внимателно.

На местото на несреќата присутни се и нуркачи.

Превозната бродска компанија Синерџи марин Груп (Synergy Marine Group) потврди дека нејзиниот контејнерски брод под сингапурско знаме „Дали“ удрил во столб на мостот Френсис Скот Ки во Балтимор.

– Иако точната причина за инцидентот допрва треба да се утврди, можеме да потврдиме дека сите членови на екипажот се безбедни и нема извештаи за повредени, се вели во соопштението на компанијата.