(Видео/галерија) Се случи народ во Скопје за жртвите од Кочани
Достоинствено и со солзи во очите главниот град им оддава почит на жртвите и сочувствува со нивните семејства

Попладнево во центарот на Скопје, на плоштадот „Македонија“, мирно, тивко и потиштено стојат илјадници луѓе, оддавајќи почит на 59 жртви од пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Присутни се околу 10.000 граѓани, според проценката на полицијата, а почнаа со 16 минути молк со што ќе оддадат почит за жртвите од Кочани.
Токму само тоа и се слуша на градскиот плоштад – пулсот! На оние кои жалаaт, на оние кои се разочарани, скршени, немоќни да ги вратат животите на сите жртви на пожарот што се случи во нелегална дискотека – шупа, во едно мало гратче на истокот на Македонија.
„Со крвави раце ги броите парите“, „Летајте високо ангели, ние ќе се бориме во ваше име “, „Ќе немаше волку крв да беше сè по закон“, „Кажи ми како без тебе да бидам…“ – гласеа дел од транспарентите со моќни пораки кои ги испраќаа граѓаните.
Сите тие отидоа да се забавуваат на концерот на групата ДНК, која даде седум жртви во огнената стихија, а 59 завршија без пулс. Близу 200 други се во болници во Скопје, Куманово, Кочани, но и во земјите од регионот и од Европа.

По 16-минутниот молк, од толпата кон небото пуштија црни балони и се палеа свеќи во чест на прерано починатите жртви во пожарот што засекогаш остави рана.
Достоинствено и со солзи во очите главниот град им оддава почит на жртвите и сочувствува со нивните семејства.
Улиците околу плоштадот се слободни за возила, како што повикаа организаторите „Кој е следен?“ на социјалните мрежи, за да можат да поминуваат амбулантните возила, доколку има потреба.
Реките народ се слеаја од секаде, а секој што можеше се движеше по кејот на Вардар.
Протести се одржаа и во Кочани, Кива Паланка, Куманово, Битола, Штип, Делчево, Охрид и други градови.