(Видео) Доматите и краставиците по 95 денари, пиперките 100 денари

Овие корекции се направени затоа што увозните цени на тие производи се зголемени за 30 отсто


Денеска на седница на Владата имаше корекции на дел од производите, овошјето и зеленчукот…

Зголемување на цените за доматите и краставиците до 95 денари, а 10 денари дополнително на кромидот, цената на пиперките 100, леќата е 110, а другите остануваат под 100 денари.

Според владината Одлука, килограм банани ќе чини до 75 денари, килограм портокали до 60, килограм мандарини до 65 и килограм лимони до 60 денари. 

Овие корекции се направени затоа што увозните цени на тие производи се зголемени за 30 отсто, рече министерот за економија Крешник Бектеши, а во моментот ние немаме домашно производство. 

 

– Оваа мерка ќе трае цел месец и доколку забележиме поевтинување на цените на фактурите во текот на времето, ние ќе интеревенираме со поевтинување, рече Бектеши.

По овие корекции, министерот смета дека повеќе нема да се крие овошјето и зеленчукот по магацините и дека ќе се најде во редовна продажба непречено.

Во однос на лажните фактури, со кои се прикажувал поевтин увоз на овошје и зеленчук, тој кажа дека Царинската управа се координира со иснтитуциите во Турција и Грција во потрага по виновниците.
 
Исто така, министерот уверува дека повеќе нема да можат да ги кријат производите откако претходните денови, пиперки и домати, а во некои маркети и краставици и грав – не можеа да се најдат на рафтовите.
 
Бектеши кажа дека и Пазарната инспекција утврдила таква состојба.
 
– Никој не може да ги крие производите. Денес сите производи ќе бидат ставени во продажба – уверува министерот.