(Видео) Дизниленд со нов тематски парк : Во галаксијата на „Војна на ѕвездите“


САД– Денес „Дизниленд“ отвара нов тематски парк -„Војна на ѕвездите: на работ на галаксијата“.  Се наоѓа на истото земјиште со Дизниленд, но ги носи посетителите во еден сосема поинаков свет. Вчера, тој официјално им беше претставен на медиумите и на најбрзите фанови кои обезбедија влезници.

На промоцијата во Анахајм, Калифорнија, дојдоа и најголемите ѕвезди од универзумот на „Војна на ѕвездите“, како креаторот Џорџ Лукас и актерите Харисон Форд, Марк Хамил и Били Ди Вилијамс.

Директорите од „Дизни“ кажаа дека им требале повеќе од пет години да ја развијат и завршат новата атракција.

„За време на целиот процес ги имавме на ум обожавателите. Затоа и ги поканивме да ни се придружат на отворањето на оваа планета“, рече Скот Троубриџ од „Дизни“.

„На работ на галаксијата“ е авантура низ планетата Бату, далечен свет во новата трилогија. Гостите можат да градат свои дроиди, ракуваат со светлосни мечови и да комуницираат со вонземјани. Можат да влезат и во пилотската кабина на Милениум фалкон, реплика на вселенскиот брод од филмот, кој е подолг од 30 метри.

Дизниленд лани беше втор најпопуларен тематски парк во светот, со 18,6 милиони посетители. На првото место е Дизниворлд во Флорида, кадешто на 29 август ќе се отвори речиси идентична верзија на „На работ на галаксијата“.