(ВИДЕО) Челзи го урна Ајакс во Амстердам, пресврт на Лајпциг против Зенит


Фудбалерите на Челзи вечерва на гостински терен успеаја да слават победа против Ајакс со минимални 1:0, додека РБ Лајпциг со пресврт успеа да го совлада руски Зенит во рамките на третото коло од групната фаза во Лигата на шампионите.

Младите состави на Ајакс и Челзи ги оправдаа очекувањата на неутралните навивачи во натпревар со голем број возбудувања, а единствено недостасуваа повеќе погодоци. Победникот беше решен во самиот финиш. Ајакс во 36. минута успеа да поведе преку Квинси Промес, но по консултациите со ВАР судијата го поништи голот поради офсајд, а во прашање беа милиметри.

Ајакс повторно можеше да дојде до предност. Тадиќ одлично изведе корнер и го пронајде Алварез кој шутираше со глава, но ја погоди стативата.

Челзи од друга страна посериозно се закани за првпат во 81. минута кога Пулишиќ шутираше од врвот на казнениот простор, но топката мина крај голот на домаќините. И кога се чинеше дека натпреварот ќе заврши без голови и со поделба на пленот, гостите поведоа со 1:0.

Пулишиќ одлично го проигра Бачуаји кој од некои пет метри ја затресе мрежата на Ајакс за водство на гостите од Лондон. Домаќините се обидоа до крајот на мечот да спасат бод, но резултатот остана непроменет.

И покрај поразот, Ајакс и понатаму е првопласиран на табелата со шест бода, колку што сега има и второпласираниот Челзи. Вториот меч во оваа група вечерва го играат Лил и Валенсија.

Во истиот термин од 18:55 часот играа и РБ Лајпциг и Зенит. Германскиот клуб успеа да дојде до пресврт и победа од 2:1. Гостите од Санкт Петербург поведоа во 29. минута со голот на Ракитски, но домаќините во вториот дел го свртеа резултатот во своја корист.

На 1:1 најпрво израмни Лајмер во 49. минута, а само десет минути подоцна на 2:1 зголеми Сабицер кој постигна спектакуларен гол.

Лајпциг е прв со шест бода во оваа група, додека третопласираниот Зенит има два бода помалку. Во оваа игра вечерва играат уште и Бенфика и Лион.