(ВИДЕО) Борусија со пресврт го совлада Интер, спектакл со осум гола во Лондон


Вечерва се одиграа шест натпревари во рамките на четвртото коло од Лигата на шампионите во терминот од 21:00 часот.

Највозбудливо беше во Дортмунд и Лондон, каде се одиграа најинтересните мечеви вечерва. Борусија го пречека Интер и успеа да се одмазди за поразот во претходното коло во Милано и тоа по пресврт и негатива од 0:2.

„Нероазурите“ дојдоа до водство веќе во петтата минута од мечот кога Лаутаро Мартинез ја затресе мрежата на домаќините. Матијас Весино во 40. минута го фрли во нокдаун „Вестфален“ со својот гол, зголемувајќи на 0:2.

Но, дека овој резултат е најопасен покажаа играчите на Борусија Дортмунд, додека пак Интер продолжува да има проблеми во вторите полувремиња. Во 51. минута Хакими намали на 1:2, а во 64. минута Брант го израмни резултатот на 2:2, за лудило на трибините во Дортмунд.

Целосниот пресврт го донесе Хакими со својот втор гол на натпреварот во 77. минута за огромна победа на „Милионерите“ кои сега имаат седум бода, еден помалку од лидерот Барселона, и ја држи втората позиција во групата, додека Интер е на третото место со четири бода.

Во Лондон, Челзи го пречека Ајакс, а двата тима приредија спектакл на „Стемфорд Бриџ“. На претходниот натпревар двете екипи им останаа должни на фудбалските вљубеници со недостатокот на голови, но надоместија овојпат, постигнувајќи дури осум во спектакуларниот натпревар.

Гостите од Амстердам поведоа веќе во 2. минута со автоголот на Тами Абрахам. Жоржињо веќе во петтата минута израмни на 1:1, а Квинси Промес го врати Ајакс во водство во 20. минута, а во 30. минута Зијех изведе слободен удар од ситуација скратен корнер, испрати незгоден удар, топката се одби од втората статива директно во лицето на голманот Кепа и заврши во мрежата на Челзи за 1:3.

По само 10 минути игра во вториот дел Ван де Бек го зголемува водството на Ајакс на убедливи 1:4 и веќе сите сметаа дека гостите ќе си заминат со трите бода. Но, Челзи не се предаваше, па Аспиликуета во 63. минута намали на 2:4. По само пет минути следуваше вистинска лудница на теренот. Челзи поведе еден опасен напад, Блинд стартуваше невнимателно врз Абрахам, но судијата Роки дозволи играта да продолжи, по што еден од играчите на Челзи упати удар, а Велтман играше со рака во сопствениот шестнаесетник. По ова Роки му покажа втор жолт картон на Блинд за стартот претходно и го исклучи, а истиот потег го направи и со Велтман кој исто така доби втор жолт картон, а Челзи доби и пенал. Идеална ситуација за „Сините“ да дојдат до израмнување, а реализатор на најстрогата казна беше Жоржињо кој намали на 3:4 во 71. минута.

По само три минути игра Рис Џејмс постигна гол за ерупција на трибините на „Стемфорд Бриџ“ и израмнување на резултатот на 4:4. Веќе во 78. минута Аспиликуета го постигна својот втор гол на натпреварот за целосен и неверојатен пресврт од 5:4, но по прегледувањето на ВАР снимката погодокот беше поништен, па Челзи и Ајакс ги поделија бодовите со конечни 4:4.

Европскиот првак Ливерпул со рутинирана игра славеше над белгиски Генк со 2:1. Вајналдум ги доведе домаќините до водство во 14. минута, а Самата во 41. минута израмни на 1:1. Победата на Ливерпул му ја донесе Алекс Окслејд-Чемберлејн со својот гол во 53. минута.

Лион на домашен терен ја совлада Бенфика со 3:1. Домаќините поведоа во 4. минута со голот на Андерсен, а во 33. минута Депај зголеми на 2:0.

Овој резултат остана на сила до 77. минута кога Сеферовиќ намали на 2:1, но надежите на гостите ги згасна Бертранд Траоре со голот во 89. минута за конечни 3:1.

Интересно беше и во Неапол каде Наполи ремизираше со 1:1 против Салцбург. Натпреварот беше исполнет со шанси и возбудувања, а гостите од пенал преку Халанд дојдоа до водство во 11. минута. Хирвинг Лозано ги врати домаќините во егал во 44. минута, но до крајот пулените на Карло Анчелоти не успеаја да дојдат до трите бода, со што продолжува кризата на Наполитанците. Нашиот Елиф Елмас повторно остана на клупата за резерви и не доби шанса за настап.

Интересно беше и на „Местаља“, каде Валенсија по пресврт во второто полувреме дојде до убедлива победа против Лил со 4:1.

Гостите поведоа преку Осимен во 25. минута и успешно го чуваа водството се до 66. минута кога домаќините добија пенал, а истиот го реализираше капитенот Парехо.

По ова играта се отвори, Валенсија притискаше, но се до 82. минута овој резултат остана на сила. Соумаро во 82. минута си ја затресе сопствената мрежа за 2:1 во корист на домаќините, а Кондогбија само две минути подоцна зголеми на 3:1. Конечните 4:1 ги постави Феран Торес во 90. минута од натпреварот.