(Видео) „Боинг 747“ полета од Холандија – му паѓаа делови


Две лица се повредени во Холандија, откако во сличен случај како оној во САД, делови од авион „боинг“ паѓаа на земја поради пожар во моторот.

Холандските власти спроведоа истрага откако од товарен авион почнале да паѓаат метални делови, набрзо по полетувањето од аеродромот во Мастрихт.

Наводно, се запалил еден од моторите. Според изјава на надлежните, авионот почнал да губи делови над населено место во близина на аеродромот.

Медиумите наведуваат дека две лица се полесно повредени, од кои едно е задржано во болница.

Неколку парчиња од авионот паднале на тлото во северниот дел на Марсен во Холандија и повредиле две лица.

Една постара жена била погодена со дел од метал во главата и е однесена во болница, а едно дете се здобило со изгореници.

Деловите кои паѓале оштетиле неколку автомобили и куќи. Фотографијата која ја објавија холандските медиуми покажува голема метална прачка, забодена во автомобил.

Леталото патувало за Њујорк, а пренасочено е во Лиеж во Белгија, каде безбедно слетало.

Сличен инцидент се случи во САД, вчера, кога се запали мотор на „боинг 777“ на компанијата „Јунајтед ерлајнс“, а делови од леталото паѓаа по предградие во Денвер.