(Видео) Богоев: Во изолација и две деца од училиштето „Јан Амос Коменски“


Уште две деца се во изолација, овојпат се работи за ученици во училиштето „Јан Амос Коменски“, затоа што нивните родители биле на симпозиумот на дерматолози.

По информациите дека во вторникот, во основното училиште „Братство“, во Тафталиџе, се одржало предавање за превенција од коронавирус (во две одделенија, од четврто и седмо одделение), од страна на докторка која е вработена на Клиниката за дерматологија, самата докторка потврдува дека таа не била во директен контакт со директорката на Клиниката.

– Докторката е во изолација, како и нејзините две деца кои учат во „Братство“. На ова предавање, учествувале уште две други докторки од Клиниката за дерматологија, кои сепак како што тврдат – не биле во директен контакт со директорката но се во домашна изолација – потврди денеска градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев.

Исто така, вели тој, три ученици од основното училиште „Владо Тасевски“ во Козле се во домашна изолација, затоа што нивните родители биле дел од симпозиумот кој се одржал во ресторанот „Рагуза“.

– Во училиштето каде што сме денеска, „Јан Амос Коменски“, исто така, двајца ученици се во изолација, затоа што нивни родители присуствувале на симпозиумот. Свесни сме за паниката која се шири во основните училишта и градинки, но сакам да апелирам на смиреност и следење на здравствените протоколи – вели Богоев.

Тој информира дека Општината набавува и дополнителни средства за хигиена за сите основни училишта и градинки, а екипите се подготвени и за вонредна дезинфекција на сите основни училишта и градинки.

– Како локална самоуправа, формиравме и Комисија за следење на состојбата, превенција и справување со вирусот, при што на дневно нивно го следиме присуството и отсуството на ученици и наставен кадар. Од досегашната ситуација, поголемо отсуство има во градинките (што е и очекувано за овој период од годината), а отсуството е значително помало по основните училишта – вели Богоев.

Тој ги повика сите граѓани, коа доаѓаат од ризични подрачја или имаат симптоми слични на коронавирусот, да пријават на 071 – 289 – 614 и 078 – 387 – 194.