(Видео) Блинкен до Ковачевски: Силно го поддржуваме европскиот пат на Македонија

Блинкен изјави дека со Ковачевски разговарале како САД и Mакедонија да ја унапредат енергетската безбедност на нашата држава и борбата против дезинформациите


 

Државниот секретар на САД, Ентони Блинкен имаше вечерва средба со македонскиот премиер Димитар Ковачевски , на која присуствуваше и заменик помошникот државен секретар и специјален пратеник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар, како и Дерек Шоле, висок советник на американскиот Стејт департмент.

 

На делот од средбата што беше отворен за јавноста Блинкен порача дека силно го поддржува европскиот пат на Македонија и дека го цени лидерството на Ковачевски во тие напори, дека ја цени многу нашата солидарност околу Украина и придонесот што го дава нашата држава како актуелен претседавач на ОБСЕ што, според него, направило разлика. Тој, исто така, порача дека со премиерот разговарале како САД и Mакедонија да ја унапредат енергетската безбедност на нашата држава и како да се подобри борбата против дезинформациите.

„Имаме многу да разговараме денес, вклучително и тоа што го спомнав, но и како можеме да ги унапредиме работите како поголема енергетска безбедност за регионот, за Северна Македонија; работата што исто така треба да се направи за борба против дезинформациите и кои се повеќе од витално значење. Со нетрпение го очекувам сето тоа, со големо добредојде. Прекрасно е што сте овде. Многу го цениме партнерството, соработката што ја имаме и мислам дека таа е посуштинска од кога било“, рече Блинкен.

Ковачевски оцени дека односите на Македонија со САД се повеќеслојни, силни и базирани врз заеднички вредности и дека стратешкото партнерство со САД ни помогнало да донесеме тешки но храбри и визионерски одлуки кои ни го отворија патот во НАТО, ни овозможија почеток на преговорите со ЕУ и претседателствување со ОБСЕ во најтежок период по Втората светска војна.

 

Со САД, нагласи тој делиме исти вредности, и затоа застанавме зад одлуката да ја поддржиме Украина во борбата за зачувување на суверенитетот и територијалниот интегритет, при што сто отсто се приклонивме кон одлуките на ЕУ  од првиот ден на бруталната воена агресија на Русија. 

„Северна Македонија ги цени САД како близок и доверлив пријател, како сојузник во НАТО и важен партнер на нашиот пат кон членството во Европската унија и ја признава како фактор на стабилност во регионот. Горди сме на нашето партнерство и морам да кажам дека минатата  2022 година беше исклучително предизвикувачка година во Европа, и за нашата земја. Морам да им се заблагодарам на вашите колеги, со кои работевме заедно преку амбасадорот на САД во Скопје, и успеавме да ја надминеме кризата – енергетска криза, криза со храна – и да обезбедиме финансирање на се што е потребно за граѓаните на Северна Македонија. Затоа, за ова морам да ви се заблагодарам во името на владата и во името на народот на Северна Македонија“, порача Ковачевски во изјавата дадена во отворениот дел од  средбата со Блинкен.

По средбата портпаролот на Стејт департментот, Метју Милер, ја даде следната изјава:

„Секретарот Блинкен и премиерот Ковачевски ја истакнаа силната поддршка на САД и важноста на пристапувањето на Северна Македонија во ЕУ за земјата и Регионот на Западен Балкан. Секретарот ги истакна важните придонеси и лидерството на Северна Македонија за промовирање на мирот и стабилноста на Западен Балкан и за поддршка на Украина, особено додека претседава со ОБСЕ. Секретарот, исто така, ја истакна силната билатерална соработка меѓу Соединетите Американски Држави и Северна Македонија и ја истакна важноста од зајакнување на демократските институции, реформите на владеењето на правото и енергетската безбедност“.

Повеќе детали за разговорите дојдоа преку соопштение од Владата: 

„Американскиот државен секретар Блинкен на состанокот потенцираше дека  САД високо го ценат придонесот на  Република Северна Македонија во регионалниот контекс, но пред се како цврст НАТО сојузник. Блинкен истакна дека САД ќе продолжат да ја поддржуваат Северна Македонија во нејзините следни чекори високо ценејќи ги досегашните храбри и мудри одлуки кои Владата ги презеде во насока на обезбедување просперитетна иднина во рамки на ЕУ и НАТО. Блинкен ја пренесе силната долгогодишна поддршка на претседателот Бајден на регионот и особено на Северна Македонија, со надеж дека земјата ќе ги искористи можностите кои се пред неа, а на тој пат, државниот секретар потенцираше дека САД ќе  стојат цврсто со Северна Македонија.

Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски потенцираше дека Северна Македонија добива силна и континуирана поддршка од САД во остварувањето на стратешките цели од прогласувањето на независноста до денес. Премиерот изрази искрено задоволство од успешното започнување на Стратешкиот дијалог со САД, што е нова одредница во нашите пријателски односи, подобрување на взаемните политички, економски и други форми на дијалог, образовни и културни врски. Ковачевски истакна дека тој дијалог е од интерес на двете земји за конкретизирање на соработката во сите сфери од заемен интерес. Премиерот ја нагласи важноста од досегашната поддршка на САД за продолжување и интензивирање на реформскиот процес за натамошна демократизација на нашето општество, владеење на правото, борба со корупција и криминал, што е значајно охрабрување во процесот на пристапните преговори за членство на Северна Македонија во ЕУ. 

Во оваа насока беше потенцирана целосната поддршка која Северна Македонија ја добива од страна на САД во насока на преземање на следните чекори во евроинтегративниот процес на земјата.

Претседателот на Владата истакна дека реформите за владеењето на правото и борбата против корупција се највисоки приоритети. Премиерот потенцираше дека Владата на Северна Македонија високо ја цени американската поддрршка за развојот на антикоруптивни стратегии за секоја земја од Западен Балкан, вклучително и Република Северна Македонија, како поддршка на националните антикоруптивни стратегии кои се веќе креирани во многу области.

На средбата Ковачевски посочи дека демократските институции на Северна Македонија, инклузивната и мултиетничка демократија се стимул за земјите од Западен Балкан и му покажуваат на регионот дека демократијата ги негува условите што се потребни за да се промовира непрекината безбедност и просперитет. Поддршката од САД продолжува и во периодот што претстои, бидејќи тоа е од голема важност за стабилноста и просперитетот и на Северна Македонија, но и на регионот“, стои во соопштението на Владата. (Н.В.)