(ВИДЕО) Биг Мајк најави од 30 до 40 илјади работни места во Македонија


Канабис-ѕвездата Мајк Штрауметис познат како Биг Мајк на заминување од Македонија преку видео најави дека возможно е да се отворат од 30 до 40 ијлади работни места во земјава во следните две до три години. Тој вели дека премиерот Зоран Заев ја согледал можноста и сфатил дека од канабисот може да се подобри економијата.
– Земјата има неверојатни капацитет за бизнис со канабис, и тоа како ниту една друга земја во Европа. Воодушевен сум и од луѓето кои ги запознав. Тие се навистина работлив народ и овој бизнис за нив е голема шанса – вели Мајк.
Пред два дена тој ја напушти земјава, но најави дека повторно ќе дојде за да се допрецизираат бизнис плановите за кои разговараше со владини претставници.
– Да ви појаснам дека со бизнис-канабисот возможно е да се отворат од 30 до 40 илјади работни места и тоа за две до три години – вели Мајк во видеото.
Минатата недела Мајк оствари средби со премиерот Зоран Заев, со градоначалникот на општина Центар Саша Богдановиќ, министерот за здравство Венко Филипче, како и со главниот извршен директор на Комерцијална банка, Хари Костов.

Мајк е сопственик на компанијата „Адвенс нутриентс“ која годинава слави 20 години од своето постоење. Тој на 23 години влегува во бизнисот во САД, по што повеќе од една деценија, како што пишуваат медиумите, бил во бегство со седум различни идентитети. Од 1996 година влегува во Канада, каде што ја отвора својата компанија „Адвенс нутриентс“. Таа е број еден компанија во светот за продажба на хранливи продукти специјализирани за канабис, со 90 милиони американски долари годишно во продажба во повеќе од 93 земји.

„Кога имав 23 години двајца пријатели ми кажаа дека имаат начин на кој може да се заработи многу пари. Се обложувам дека знаете што беше тоа?“, вели Биг Мајк во интервју пред неколку месеци додавајќи дека компанијата продолжува со иновациите на полето на хранливите материи, помагајќи им на одгледувачите да ги постигнат најголемите, најмоќни ароматични цветови.