(Видео) Бев апсолутно во право: Путин му одговори на Бајден за изјавата дека е „кучкин син“


Рускиот претседател Владимир Путин очигледно се најде погоден од оцената на претседателот на САД Џо Бајден за него дека е „луд кучкин син“, па лично возврати дека бил сосема во право кога рекол дека Бајден е подобар избор за Русија.

Изјавата ја даде на Павел Зарубин, новинарот кој неодамна го прашал кого би преферирал за иден претседател на САД. Сега Путин вели дека изјавата на Бајден е токму реакција на таквата негова оцена.

Еве како течеше разговорот на рускиот новинар со Путин:

„Претседателот Бајден, претседателот на САД, повторно имаше непристојни забелешки за вас.

Путин: „Непристојни?“

„Да, непристојни. Не сакам да го цитирам, но бидејќи е претседател на САД, тој ве нарече „луд кучкин син“. Вие никогаш немате речено ни оддалеку нешто слично и никогаш немате речено било што за никого што е несоодветно. Дали вашата реакција сега ќе биде слична?

Путин: „Слушајте, не одамна разговаравме. И прашавте кој би преферира за иден претседател на САД. Реков дека ќе работиме со кој било претседател. Но, претпоставувам дека за нас, за Русија, Бајден е попожелен. Судејќи според она што тој штотуку го кажа, јас бев апсолутно во право. Затоа што ова беше адекватна реакција на она што го кажав. Зошто? Затоа што не може да каже: Владимир, ти си добар човек. Многу ми помогна. Разбираме што се случува таму на политички план. И таа реакција е апсолутно адекватна. Ова значи дека сум бил во право. Она што го кажав беше за нашата публика пред се, а не за Американците. На крајот на краиштата, вие сте руски новинар и прашавте што е подобро за нас. Така кажав тогаш и потврдувам и повторувам сега: Бајден“.

Дека работите, сепак, не се бенигни, како што можеби е перцепцијата по ироничната изјава на Путин, зборува и реакцијата на официјална Москва, која испрати „силна протестна нота“ до американскиот Стејт департмент поради навредливите изјави на американскиот претседател Џозеф Бајден кон рускиот претседател Владимир Путин.

Како што објави рускиот амбасадор во САД, Анатолиј Антонов, Москва испратила „силна протестна нота поради безобразниот карактер и недозволивоста на навредите на американското раководство кон рускиот претседател“, пренесува РИА Новости.

Тој посочи дека тешко дека сегашната ситуација ќе се реши со едноставни извинување, оценувајќи дека тоа нема да го направат САД.

Според него, „неприфатливата реторика на Бајден ја покажува немоќта и недостатокот на здрав разум во политиката кон Русија“.

Инаку, претседателот Бајден го нарече рускиот претседател Владимир Путин „луд кучкин син“ за време на собирањето средства во Сан Франциско, предупредувајќи дека секогаш постои закана од нуклеарен конфликт, но дека егзистенцијалната закана за човештвото останува климата.

Кремљ, пак, одговори дека Џо Бајден ги понижил САД нарекувајќи го Путин „луд кучкин син“, оценувајќи ја забелешката на американскиот претседател како дел од неуспешен „холивудски каубојски“ чин.

Ова не е прв пат Бајден да се изразува остро за Путин. Пред две години, во март 2022, во Варшава го опиша Владимир Путин како „крвник” и во својот говор рече дека „тој повеќе не може да биде на власт”, што предизвика гнев кај политичарите во Москва.

Тогаш, претседателот на рускиот парламент Вјачеслав Володин овој настап на Бајден го нарече „недипломатски“ и „хистерија“. „Бајден е слаб, болен и несреќен“, искоментира Володин на мражата Телеграм. „Американските граѓани треба да се срамат од својот претседател. Можно е и да е болен. Би било добро да се подложи на лекарски преглед“, додаде спикерот на државата Дума.