(ВИДЕО) Барселона го демолираше Јунајтед, Ајакс режираше ново чудо


Барселона и Ајакс се првите полуфиналисти во Лигата на шампионите, откако вечерва успешно ги минаа четвртфиналните двомечи против Манчестер Јунајтед, односно Јувентус.

Екипата на Барселона го пречека Манчестер Јунајтед на домашен терен на „Камп Ноу“ и со фантастичната игра во првото полувреме го потврди својот пласман меѓу четирите најдобри во ЛШ, откако претходно славеше со минимални 0:1 на „Олд Трафорд“ во првиот натпревар.

Главен протагонист кај Барселона беше Лионел Меси кој беше мошне расположен за игра, а со таков Меси, јасно беше дека шансите на Манчестер Јунајтед за победа на „Камп Ноу“ се мали.

Аргентинецот во 16 минута му ја украде топката на Ешли Јанг, фантастично го помина Фред и со прекрасен и хируршки прецизен удар од 18 метри го совлада Де Геа за големо славје на домашните навивачи.

Само четири минути подоцна нова грешка на гостинските фудбалери и повторно Лионел Меси украде една топка, Аргентинецот влечеше неколку чекори потоа со десната нога упати удар, а Де Геа направи страшна грешка кога топката му помина под рацете за 2:0.

Точка на натпреварот стави Кутињо со фантастичен удар во 61 минута. Каталонците имаа уште неколку шанси за да го зголемат резултатот но не ги искористија. Барселона на крајот сосема заслужено се пласираше во полуфиналето.

Од друга страна, младиот тим на Ајакс успеа да изрежира ново чудо во Лигата на шампионите. „Копјаниците“ од Амстердам по елиминацијата на Реал Мадрид во претходната фаза, овојпат успеаја да слават на гостински терен кај Јувентус со 1:2.

Ајакс покажа фантастична игра и на првиот натпревар, но вечерва во Торино младиот тим на тренерот Тен Хаг покажа зрелост и неверојатен квалитет, особено во второто полувреме.

Јувентус беше подобар тим во првиот дел, Ајакс се мачеше во играта, иако покажа добра игра. Кристијано Роналдо во 28 минута по асистенција на Пјаниќ повторно го отвори резултатот како во Амстердам, но шест минути подоцна Ајакс по една мешаница во шестнаесетникот успеа да израмни преку Ван де Бек.

Во второто полувреме се очекуваше Јувентус да притисне, но наместо тоа Ајакс прикажа боговски фудбал. Летаа избраниците на Тен Хаг по теренот, создаваа маестрални акции, имаа фантастични проигрувања и сериозно се закануваа по голот на Шчесни кој во неколку наврати успеа да го спаси Јувентус од негатива.

Но, кога Ајакс не успеваше да постигне гол по мајсторските акции од игра, судбината во свои раце ја презеде Матијс де Лихт, младиот стопер и капитен на Ајакс кој маестрално ја натскока одбраната на Јувентус по корнерот на Шене и ја затресе мрежата на домаќините за 1:2.

По ова, Ајакс имаше уште неколку шанси, постигна и уште еден гол, но истиот беше поништен поради офсајд.

На крајот, Ајакс сосема заслужено се радуваше на победата и направи неверојатен подвиг со пласманот во полуфиналето. Особено на тежина добива фактот што на патот до четирите најдобри го елиминираа актуелниот европски првак Реал Мадрид со убедлива победа од 1:4, а потоа и првиот фаворит за титулата во ЛШ и тоа на негов терен, место каде што ретко губи и прима голови.