(ВИДЕО) Баерн рутински против Олимпијакос, Јувентус во финишот го скрши отпорот на Локомотив


Вечерва во терминот од 18:55 часот се одиграа два натпревари. Баерн во Минхен го пречека тимот на Олимпијакос, додека во Москва се соочија Локомотив и Јувентус.

Баерн дојде до рутинирана победа против грчкиот претставник во Лигата на шампионите. Баварците доминираа од почеток до крај, создадоа безброј шанси и само среќата ги спаси гостите од убедлив пораз. Бедемот на Олимпијакос го скрши Роберт Левандовски во 69. минута, кога Полјакот погоди за водство на домаќините, а точка на триумфот стави Иван Перишиќ во 89. минута од мечот. Со оваа победа Баерн го обезбеди своето место во осминафиналето на две кола пред крајот на групната фаза.

На вториот натпревар кој се одигра во овој термин, Јувентус во судиското надополнување го скрши отпорот на храбрите играчи на Локомотив, благодарение на прекрасната акција во режија на Даглас Коста.

Гостите од Торино поведоа веќе во четвртата минута од мечот со голот на Арон Ремзи, а во 12. минута Миранчук го израмни резултатот за огромна радост на трибините. До крајот на првото полувреме двете екипи имаа неколку шанси, а во второто полувреме се влезе многу попретпазливо.

Локомотив се бранеше и ја чекаше својата шанса од противнапади, додека Јувентус залудно ја држеше топката во своите нозе, бидејќи беше тотално безопасен. Се се промени по влегувањето на Даглас Коста и Пауло Дибала, а токму Бразилецот во 93. минута со прекрасната соло акција, потпомогнат од Гонзало Игуаин, донесе голема победа за „Старата дама“.