(ВИДЕО) Баерн го демолираше Тотенхем среде Лондон, Црвена Звезда убедлива против Олимпијакос


Фаворитите си ја оправдаа улогата во второто коло од Лигата на шампионите, но најинтересно беше во Лондон каде Тотенхем и Баерн Минхен го одиграа вечерашното дерби во најелитното клупско европско натпреварување.

Тоа што требаше да претставува дерби, на крајот излезе како полесен тренинг меч за гостите од Баварија. Избраниците на Нико Ковач славеа убедлива и неверојатна победа од дури 7:2 против Тотенхем среде Лондон со што Баварците го заземаа врвот на табелата со максимални шест бода и 11 постигнати погодоци на два натпревари.

Тотенхем дојде до водство веќе во 12. минута од мечот, но само три минути подоцна Кимих со фантастичен удар израмни на 1:1. Пресвртот на гостите го најави Роберт Левандовски во последната минута пред полувремето зголемувајќи на 1:2.

Баерн фуриозно го започна второто полувреме, а херој на Баварците беше Серж Гнабри. Германското крило во 53. минута зголеми на 1:3, а само две минути подоцна стрелаше за 1:4. Хари Кејн во 61. минута од пенал намали на 2:4, но Гнабри со својот трет гол во 83. минута зголеми на 2:5 по што следуваше блицкриг на германскиот првак, откако Левандовски во 87. минута зголеми на 2:6, а веќе во следната минута Серж Гнабри го постигна својот четврти погодок на натпреварот за конечни 2:7.

Во истата група, Црвена Звезда го пречека Олимпијакос во братското дерби. Олимпијакос беше подобриот противник во првото полувреме, а тоа го крунисаа со голот на Семедо во 37. минута за водство од 0:1. Во второто полувреме Црвена Звезда беше далеку подобар противник и успеа да направи целосен пресврт. Голема помош во тоа имаа во Бензија кој доби втор жолт картон во 58. минута по што гостите останаа со играч помалку на теренот.

Вулиќ во 62. минута го израмни резултатот, по што започна силниот притисок на домаќините за да дојат до голот за водство. Тој се случи во 87. минута по корнерот кој го изведе Марко Марин, а стрелец беше Милуновиќ. Три минути подоцна идентична ситуација, корнер од истата страна, Марин изведува, а Боаќи го постави конечниот резултат.

Јувентус ја оправда фаворитската улога на домашен терен против Баер Леверкузен и славеше со 3:0. Игуаин во 17. минута го отвори резултатот, Бернардески во 62. минута зголеми на 2:0, а конечниот резултат го постави Роналдо во 89. минута од мечот.

ПСЖ славеше со минимални 0:1 на гостувањето во Истанбул кај Галатасарај, а погодокот беше дело на Мауро Икарди во 52. минута од мечот, по што „Светците“ го презедоа врвот со шест бода по две кола.

Атлетико Мадрид славеше на гостувањето во Москва кај Локомотив со 0:2, а двата погодоци паднаа во второто полувреме. Најпрво во 48. минута Жоао Феликс го отвори резултатот, а точка на натпреварот стави Томас Партеј во 58. минута.

Динамо Загреб му направи проблеми на Манчестер Сити на гостувањето на „Етихад“, но „Граѓаните“ во второто полувреме сепак успеаја да го скршат отпорот на храбрите загрепчани кои ги предводеше нашиот Аријан Адеми со капитенската лента.

По силниот притисок и офанзива Сити дојде до водство во 66. минута преку Рахим Стерлинг, а конечниот резултат го постави Фил Фоден по асистенција на Стерлинг во 95. минута од мечот.