(ВИДЕО) Баер го урна Локомотив во Москва, Бриж му украде бод на Галатасарај


Вечерва во терминот од 18:55 часот се одиграа првите натпревари од петтото коло во групната фаза од Лигата на шампионите.

Натпреварите се одиграа во Москва и во Истанбул, каде Локомотив го пречека Баер Леверкузен, односно Галатасарај го пречека тимот на Бриж.

Баер Леверкузен славеше со 2:0 против Локомотив во Москва и ги задржа теоретските шанси за пласман во нокаут фазата од Лигата на шампионите, иако таквото сценарио е тешко остварливо.

Жемалетдинов си постигна бизарен автогол во 11. минута од мечот и му овозможи на Баер да дојде до водство, а точка на натпреварот стави Бендер во 54. минута од мечот.

Со оваа победа Баер Леверкузен дојде до шест бода, еден помалку од Атлетико Мадрид кој вечерва гостува кај Јувентус во Торино.

Во вториот натпревар кој се одигра во терминот од 18:55 часот, Галатасарај испушти победа против Бриж во директната пресметка за третото место и пласман во нокаут фазата од Лигата на Европа.

Домаќините водеа од 11. минута со голот на Бујук, но Диате во 92. минута од мечот успеа да постигне гол за 1:1 и да ги урне надежите на тимот од Истанбул за освојување на третото место. Сега клубот од Белгија е на прагот да се пресели во второто по ранг натпреварување во Европа.