Вицепремиерот на Италија повика на одложување на Формула 1 трката поради поплави


Матео Салвини, заменикот на италијанскиот премиер, побара одложување на Формула 1 трката планирана за претстојниот викенд.

Причината за потегот на Салвини се поплавите во регионот Емилија Ромања предизвикани од силниот дожд. Властите ја евакуираа патеката и ги предупредија Ф1 тимовите да се држат настрана од Имола, а сега се водат разговори со цел да се донесе конечна одлука за тркачката патека.

„Одложете ја трката, ајде да се фокусираме на напорите за помош“, рече Салвини.

Скај Италија известува дека се пријавени пет смртни случаи во регионот, а цивилната заштита известува дека пет заедници се поплавени.

Во изминатите 36 часа наврнале 200 мм дожд, а во некои делови и до 500 мм. Инаку, во регионот во текот на годината паѓаат 1.000 мм дожд, па јасно е колку всушност се обилни врнежите.

Опциите за ФИА се да го одложи или откаже тркачкиот викенд или да продолжи со плановите и покрај намаленото време за подготовки. Организаторите би можеле да одлучат и за намалување на дозволениот број на гледачи, па дури и трка „зад затворени врати“.