Груби нема да му ја одземе надлежноста на Министерството за транспорт и врски, вели Ковачевски


Премиерот Димитар Ковачевски денеска пред новинарите ја бранеше одлуката на Владата, првиот вицепремиер Артан Груби да ја координира работата на изградбата на Коридорот 8, велејќи дека останува надлежноста и одговорноста на Министерството за транспорт и врски.  

„Сите инфраструктурни проекти кои што ги набројавте, се во исклучива надлежност, во исклучива одговорност и во исклучива обврска на Министерството за транспорт и врски и на институциите кои што се во состав на ова министерство, а пред сѐ на Јавното претпријатие за државни патишта и Македонски железници и Инфраструктура“, рече Ковачевски одговарајќи на новинарско прашање зошто имаше потреба да се назначува Груби за координатор со оглед на тоа што во државата има институции?

Тој појасни дека како и за други области, во вакви големи инфраструктурни проекти покрај обврските кои што ги имаат институциите и Министерството кое што имаат исклучива надлежност и одговорност, во овој случај Министерството за транспорт и врски и неговите институции, во најголем дел се јавуваат потреби од мислења и ефективна и ефикасна работа и на други институции кои што не се во надлежност на Министерството за транспорт и врски, а се во надлежност на Владата.

„Тука спаѓа обезбедување на мислења и активности од страна на Управа за имотно правни работи, обезбедување на мислења и ефикасна работа од страна на Министерството за земјоделство во дел на трансформација на земјиште, ефикасност и брзо сработување на делот на работата на министерството за финансии, во делот на експропријацијата – Јавното правобранителство, општините и низа други институции, во делот на работната сила, бидејќи ќе има и работници од странство, треба побрзо и поефикасно спроведување на процедурите во Министерството за внатрешни работи, во Агенцијата за вработување и во Министерството за труд и социјална политика заради вадење на потребните дозволи и СПО обрасците со кои што се регистрира секој вработен од странство“, рече Ковачевски.

Тој додаде дека заради побрзо и поефикасно координирање на таквите активности се назначува еден од вицепремиерите. Притоа, како пример го посочи вицепремиерот за координација на економските прашања, Фатмир Битиќи, кој ги координира сите активности кои што се во исклучива надлежност на економските ресори – министерствата за финансии, за економија, за земјоделство, во делот на државна помош, странски и домашни инвестиции и тн.

„Значи, тој не презема нивни надлежности и обврски, туку ги координира активностите со други институции кои што треба да доставуваат мислења или да сработат дел од работата  која што е потребна за ефикасно и ефективно завршување на одредена постапка“, рече Ковачевски, додавајќи го и примерот на вицепремиерот за европски прашања кој во исто време е и шеф на Секретаријатот за европски прашања, но ги координира сите институции и министерства во однос на претставувањето пред бриселските институции.

„Тоа не значи дека кога се прави скрининг за одредено поглавје, на пример за Поглавје 23 каде што се фундаментите и владеење на правото, дека ја презема надлежноста или обврските и одговорностите на одредена институција, туку само координира подобра подготвеност и поефикасно завршување на работата“, рече Ковачевски.

Според него и во случајот со новата функција на Груби не се работи за никаква дополнителна одговорност и надлежност, туку за координација, исто како што сите вицепремиери имаат координативна улога кај други проекти и други ресори.

Запрашан како Владата го поврзала Министерството за политички систем со инфраструктурни проекти, и што ќе координира министер за политички систем и какви квалификации има Груби за да биде и вицепремиер и министер за политички систем и министер за транспорт во сенка, Ковачевски рече дека Груби во изминатите две години беше претседател на управувачкиот комитет за Коридорот 8.

„Како што гледате, Коридорот 8 има избран проектант, изведувач, надзор и веќе започнаа подготвителните активности за Коридорот 8, а многу брзо, за неколку недели ќе почнат и физичките работи на коридорот 10д што исто така ќе биде обележано со настан на кој што ќе бидат присутни и медиумите“, рече Ковачевски. (М.Ј.)