Вицепремиерот Димитров ќе учествува на неформалниот состанок на министри за европски прашања


На покана на словенечкото претседателство со Советот на ЕУ, вицепремиерот  задолжен за европски прашања Никола Димитров ќе учествува на неформалниот состанок на министрите за европски прашања во својство на членови на Советот за општи работи (GAC), што денеска и утре се одржува во Љубљана и Брдо кај Крањ.

Како што соопшти Секретаријатот за европски прашања, на состанокот ќе се дискутираат приоритетите на словенечкото претседателство со посебен акцент на политиката на проширување, владеењето на правото и активностите поврзани со Конференцијата за иднината на Европа.
 
Ќе бидат опфатени и теми во контекст на зајакнувањето на отпорноста на Унијата кон кризи, како прашања кои налагаат градење на заеднички координиран пристап.
 
На маргините на ГАК, предвидено е вицепремиерот Димитров да оствари повеќе билатерални средби со министрите за Европа и надворешни работи од земјите членки на ЕУ и со претседавачот на Советот за општи работи, на кои ќе се покрене прашањето за надминување на предизвиците за отпочнување на преговори со Унијата.
 
Организирањето на овој настан, нагласуваат од СЕП, е во светло на претставените приоритети на словенечкото претседателство за градење на кредибилна и стабилна Унија, за што е неопходно придвижување во процесот на проширување.