Вицепремиерот Арбен Фетаи веќе не сакал да биде во владата што ја предводи Мицкоски
Не си поднесол оставка, не е ни разрешен, но вицепремиерот Арбен Фетаи веќе не е член на Владата.
Премиерот Христијан Мицкоски вечерва во интервју за Сител го призна она што се зборува подолго време, дека Фетаи фактички веќе не е дел од владата што тој ја предводи.
„Со Фетаи се видовме пред неколку недели и во разговор ми рече дека тој повеќе не се следа во овој состав на владата кој јас го предводам“, рече премиерот.
Фетаи наводно му рекол на премиерот дека сака да се врати во Брисел, од каде што дојде на предлог на „Вреди“ да биде вицепремиер. „Јас му предложив дека би сакал да го искористиме да работи нешто за владата односно да биде наш специјален преставник во Брисел. Размислувам како да го ангажираме“, рече Мицкоски.
Дека Арбен Фетаи фактички не е дел од владата прво спомена поранешниот министер за здравство, Арбен Таравари, во интервју за Телма, велејќи дека си заминал во Брисел. Таа информација подоцна ја потврди и министерот за здравство Азир Алиу во интервју за „360 степени“ кога кажа дека вицепремиерот за добро владеење веќе еден месец на доаѓа на работа и не знае дали е тука или некаде отпатувал. И Арбен Фетаи и Азир Алиу беа дел од крилото на Алијансата за Албанците на Арбен Таравари кога влегоа во владата