Виц од ВМРО-ДПМНЕ: Со нив на власт ќе немало поскапување на струјата и гасот

ВМРО-ДПМНЕ и натаму тврди дека, ако тие се на власт, нема да има криза со струјата и со гасот и дека нема да има поскапување, иако цел свет тврди обратно.
„Заради Ковачевски народот ќе плаќа поскапо парно и струја, над 1.000 денари повеќе секој месец за овие две давачки. Со одлука на РКЕ на Марко Бислимоски, поради неспособноста и криминогеноста на Ковачевски, парното поскапува за 15%. Со тоа домаќинствата со двособен стан ќе плаќаат над 300 денари повеќе секој месец за затоплување на нивните домови. Ковачевски не обезбеди евтин енергенс, како што тоа го направија другите европски држави.Претходно пред само еден месец заради истите причини се покачи цената на струјата, за околу 18% за најголемиот број домаќинства, и 138% за тие кои се греат на струја.
Заради Ковачевски секое нормално домаќинство плаќа скоро 1.000 денари повеќе за струја, а тие што се греат на струја допрва ги очекува шок за време на грејната сезона“, тврдат од ВМРО-ДПМНЕ.
Според оваа партија, државата станала целосно зависна од увоз на скап јаглен, мазут не е набавен, а хидропотенцијалот не се менаџира правилно, што придонесува за над 1 терават часови помало производство на годишно ниво сега, за разлика од времето кога ВМРО-ДПМНЕ ја водело владата.
„За да се надомести тоа, според нив, се одвојуваат милиони за скап увоз“, твдат од ВМРО-ДПМНЕ во првото од серијата соопштенија во кои се потценува интелигенцијата на граѓаните, и тоа во време кога локалните градоначалнци, кои во најголем број се од оваа партија, со месеци молат Владата да им ги покрие сметките за енергенси, a нејзиниот лидер има хидроцентрала која профитира на грбот на граѓаните, со субвенциите за кои никој не смее да каже колку изнесуваат.