Вежба за заштита и спасување во случај на пожар организирана во ОКТА


Со заедничка, брза и усогласена реакција во кругот на компанијата ОКТА се одржа „Заеднички одговор 2019“, комплексна вежба за справување со пожар, заштита и спасување.

„Целта на вежбата е да делува превентивно, да покаже колкави се капацитетите и подготвеноста да одговориме во одредена ситуација, дали и каде треба да се подобрат перформансите за брза реакција и да бидеме подготвени при вистински настан. Денеска видовме еден високостручен, брз и координиран одговор со вклученост на повеќе различни тимови, што докажува дека со еднаква сериозност и стручност на оваа превентивна функција пристапуваат и специјалните и универзалните единици од различни институции“, изјави Аднан Џафероски, директор на Дирекцијата за заштита и спасување.

Сценариото за вежбата беше изработено од тим составен од експерти од Дирекцијата за заштита и спасување и вклучуваше екстремна ситуација од неколку сценарија со повеќекратни пожари, експлозии и опасност по луѓето и материјалните добра.

„Спроведувањето на вежбата како заеднички одговор покажа дека реакцијата на специјалните и универзалните единици е координирана и подготвена да одговори на слични ситуации. Покрај стручноста на специјализираните единици од надлежните институции и јавни претпријатија, во вакви сценарија посебно е важна улогата на компаниите како ОКТА, каде што со оглед на природата на нашата работа, посебен акцент ставаме на безбедноста и стручноста за справување со непредвидливи и кризни ситуации“, изјави Зоран Доревски, Менаџер за обезбедување и ПП заштита во ОКТА.

Вежбата траеше четири часа, а покрај во кругот на компанијата ОКТА, дел од сценариото се одвиваше и во индустриската зона во близина на селата Миладиновци, Петровец и Бунарџик.

Интерактивната вежба беше проследена од претседателот Стево Пендаровски, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, министерот без ресор, Едмонд Адеми како и претставници на Генералштабот на АРСМ.

Интерактивната вежба управувана од Дирекцијата за заштита и спасување, беше спроведена со учество на Територијалните противпожарни единици од Скопје и од Куманово, Министерството за внатрешни работи, Министерство за транспорт и врски, ЈП Македонски железници инфраструктура, Авио одделението на Дирекцијата за заштита и спасување, Црвениот крст. Во заедничкиот одговор на кризното сценарио, подеднакво учествуваа и Универзалните единици за заштита и спасување од компаниите ОКТА АД Скопје, ТАВ Македонија, МАКПЕТРОЛ АД Скопје, АВА КОТА, Алкалоид Скопје, Аџибадем Систина, амбуланта на ОКТА – ПЗУ Интермед Арт.