Вевчанци на снег, под маски, ја „исмеваа“ политиката и актуелните случувања
Вешто криените маски, денеска во полн сјај прошетаа по вевчанските улици, во рамки на официјалниот дел од Вевчанскиот карневал.
Вевчанци на сатиричен начин, во речиси 15-вековна традиција, ги прикажаа случувањата во јавниот и политичкиот живот, како во земјава, така и во странство, од изминатата година.
Дефилето традиционално започна кога двете василичарски друштва Горна и Долна маала тргнаа од влезот на селото, традиционално предводени со зурли и тапани, зетот, невестата, двата ѓаволи, Глупавите Августи.
По нив се движеа останатите маски инспирирани од актуелните политички и секојдневни случувања. Секое карневалско издание за Вевчанци е доживување.
– Одамна не сме имале снежна атмосфера во Вевчани за Вечванскиот карневал – вели градоначалникот Спасе Кочовски, посочувајќи дека Општината прави максимални напори за чистење на пристапните патишта и улици.
– Условите се можеби поекстремни, но убаво е да се биде овие два дена во Вевчани. Општина Вевчани во соработка со јавното комунално претпријатие „Еремија“ 24 часа е на терен. Ги чистиме и регионалните патишта што не поврзуваат со Струга и Дебар за гостите да можат полесно да пристигнат. Никогаш, никој не ги знае маските, освен оние што се маскираат. Во тоа е и убавината на Вевчанскиот карневал. Овие два дена атмосферата ќе биде како и секоја година. Очекувам сѐ да биде во најдобар ред – изјави Кочовски.
На карневалот присуствуваат и премиерот Христијан Мицкоски, министерот за за култура и туризам Зоран Љутков и генералениот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорѓија Сајкоски.
– Вевчанскиот карневал е национален бренд, нешто што е препознатливо не само во Македонија, туку уникатен е, препознатлив и интересен и за Европа и за целиот свет – истакна министерот Љутков. – Мора да го негуваме Вевчанскиот карневал и да ја поддржуваме оваа традиција. Треба и да ја надоградуваме од година во година. Иако овој Фестивал имал прекини во финансирањето ветувам дека сѐ повеќе и повеќе ќе се зголемува буџетот, бидејќи значи многу не само за равзојот на културата, тука од овој момент е многу важен и за развојот на туризмот. Се надевам дека ќе стане се посилен бренд за Македонија – додаде Љутков.
Со оглед дека Вевчанскиот карневал по 20 години, минатата година повторно стана дел од Федерацијата на европски карневалски градови, по расчистувањето на наталожените долговите кон институцијата, претставници од Европската федерација на карневалски градови оставрија средба со градоначалникот Кочовски.
Во рамките на забавниот дел од Вевчанскиот карневал присутните вечерва ќе ги забавуваат „Љубојна“, Наум Петрески, оркестарот „Вевчани“, како и Перо Бели и Коки Биоритам, кои точно на полноќ на присутните ќе им ја честитаат Новата година, според Јулијанскиот календар.
Манифестацијата завршува со традиционалното василичарско оро и палење на маските во центарот на Вевчани, на 14 јануари.