Ветуваа па ретерираат: ВМРО-ДПМНЕ бара дозвола од „Бехтел и Енка“ да го објави договорот


 

Министерот за транспорт и врски, Александар Николоски уште еднаш повтори дека Договорот со „Бехтел и Енка“ околу изградбата на Коридорите 8 и 10Д треба да се деклацифицира и се надева дека претставниците на конзорциумот ќе дадат согласност, за јавноста целосно да го види.

Според него, поважно е што може Македонија да добие од договорот. Тврди дека земјава може да добие повеќе километри автопат од тоа што е потпишано. Николоски информира дека тоа ќе биде главната битка – да се добие повеќе во рамките на истата финансиска сума која што е договорена.

„Mислам дека ќе биде недомаќински и душмански однос кон Буџетот ако јас сега го прекинам договорот, а тие средства веќе се кај изведувачот и не можат да се вратат. Изведувачот може да тужи и да побара арбитража и да платиме уште толку и да отидат половина милијарда евра, а да немаме ниту километар автопат. Треба да се бориме за да добиеме што повеќе километри автопат и што побрзо изграден во Македонија“, кажа Николоски денеска пред медиумите.

Договорот со „Бехтел и Енка“ е класифициран како државна тајна. Проектот за градба на делниците од коридорите 8 и 10Д вклучува седум клучки, 34 мостови, 34 надвозници, 24 подвозници, над 21 милион метри кубни ископ, над 10 милиони метри кубни земјени насипи, 620.000 метри кубни бетон, 2,2 милиони метри куби подлога, 1,1 милион тони асфалт над 6000 и 320 км заштитна ограда.