Ветото на Бугарија е ризик не само за Македонија, туку и за ЕУ, вели американската амбасадорка


Кејт Брнз (Фото: Б. Грданоски)

САД се разочарани од ветото на Бугарија поради бројни причини, а пред сѐзатоа што веруваат дека Северна Македонија беше подготвена да го почне процесот на отворање и затворање на поглавјата со ЕУ, изјави во интервју за Гласот на Америка, американската амбасадорка во државата Кејт Брнз.

Според неа, дека ветото носи ризик не само за Северна Македонија, туку и за ЕУ, како и за прашањата поврзани со процесот на проширување во целина.

На прашањето дали новата админстрација на претседателот Џо Бајден може да изврши поголем притисок врз Бугарија да го тргне ветото, Брнз одговара дека САД се ангажирани во овој регион и во Северна Македонија со децении. „Во изминативе неколку години и многу интензивно вклучени во поддршката на Северна Македонија да влезе во НАТО, во поддршката на нејзините аспирации и напори да се приклучи кон ЕУ, како и во проширување на економската соработка и регионалната соработка во целина. Јас верувам дека таквиот вид на соработка ќе продолжи, и се разбира пред сѐ ќе биде фокусирана на нашата поддршка за евроатлантската интеграција на Северна Македонија. Тоа е основа на нашата политика овде, и има многу работа да се заврши, во смисла на поддршка на реформската агенда, како и да осигураме дека пристапниот процес во ЕУ оди напред“.

Брнз вели дека билатералните разговори да продолжат во некоја форма. „Се надевам дека тие дискусии ќе продолжат на конструктивен начин и на соодветен начин за двете држави, и во инетрес на двете држави. Одвоено од тоа, важно е теренот да се држи подготвен и да се одвиваат преговорите за пристапниот процес во ЕУ. Веруваме дека Северна Македонија има покажано оти е подготвена за нејзината прва меѓувладина конференција, која се надеваме дека сѐ уште ќе може да се случи што е можно побрзо. Ние сме охрабрени што Португалија истакна дека проширувањето на ЕУ во целина ќе биде приоритет и за време на нејзиното претседателство“.

Таа мисли дека има држави кои не ги делат истите визии за Северна Македонија во Европа, и кои не ги делат вредностите за Европа, како слободна и обединета, каде има долготраен мир и стабилност. „Тие можеби ќе гледаат да ја искористат ситуацијата за нивен стратешки интерес. Јасно е дека Русија и Кина не ја делат таа визија и мислам дека ова е нешто што сите треба да го имаат предвид. Затоа е особено важно пристапниот процес во ЕУ да се движи напред што е можно побрзо“, рече Брнз.

Брнз вели дека е многу среќна што Законот за попис помина во парламентот и што доби поддршка и на два опозициски партнери, што претставува важен чекор. „Очекуваме дека Владата ќе осигура пописот да го направат професионалци, што ќе обезбеди инфорамции кои ќе ѝ помогнат на државата во однос на иднината“, вели американската амбасадорка Кејт Брнз.