Ветинг – Се тресат оние што треба да нè штитат


Најавите за ветинг или т.н. прочистување во МВР, во кое јавна тајна е дека постојат криминални гнезда, очекувано предизвикаа вознемиреност меѓу вработените, но и во редовите на опозицијата која обвинува дека станува збор за политичка пресметка со професионалци.

Според експертите, овој радикален реформски процес е пред сè во интерес на заштита на граѓаните бидејќи институциите се сериозно пристрасни, корумпирани, политизирани, непрофесионални и со низок степен на доверба. Неопходно е, велат, да се направи сеопфатна проверка, која ќе ја вклучува не само полицијата туку и судството, а процесот треба да се прошири и кај политичарите бидејќи многу од нив се поврзани со одредени коруптивни дејствија, но тоа не ги спречува да создаваат закони. Тие практично се недопирливи.

Ветингот ќе ги опфати сите вработени во МВР. Ќе се проверува стручното образование на сите припадници на МВР, нивниот интегритет, ќе се проверува колкав имот имаат, кога го стекнале, дали тој соодветствува на нивните лични примања, како и дали биле вклучени во евентуални криминални дела.

„Политиката недопустливо се меша во прашањето за криминалот. Ако сите знаеме дека криминалот го дроби општеството по сите линии, тогаш мора да изградиме заеднички став кон таа убиствена болест. Најавите за ветинг беа дочекани на нож од опозицијата која вели дека тој се прави со цел да ѝ се наштети на другата политичка опција. Без оглед кој е на власт, а кој во опозиција, тоа мора да престане. Треба да има консензуално усвојување на сеопфатна правна рамка на демократски начин, која ќе служи како водич за овој процес. И Комисијата за квалификација, која ќе го спроведува најавениот ветинг, треба да биде сочинета од професионалци, лица од доверба кои процесот ќе го спроведат кристално чисто“, вели ексраководителот на Секторот за воена безбедност и разузнавање во МВР, Владимир Пивоваров.

Го затекнавме во период по презентацијата на најновите технолошки достигнувања во областа на полиграфијата.

„Станува збор за израелска опрема. Точно, таа е поскапа, но до тој степен е усовршена што ви го скенира мозокот и нервниот систем за 60 секунди во кои ги поставувате неколкуте деликатни прашање (а вие потоа можете да разговарате и еден час), по што ви дава податоци со можна грешка од 0,1 отсто. Лично сметам дека и полиграфското испитување треба да се вметне во законската регулатива за ветинг“, вели актуелниот национален координатор за гранично управување.

Според него, постојат т.н. ризични професии кои на пократок рок треба да бидат „скенирани“.

„На пример, полицаец и цариник на гранична линија спаѓаат во таа категорија. Би било добро ако тие на секои шест месеци или година дена бидат изложени на полиграфско испитување“, вели Пивоваров. И тој е на мнение дека комплексниот процес треба да се спроведе во сите институции поврзани со спроведувањето и почитувањето на законот.

„Реално, доцниме со оваа важна реформа, цели две години се најавува. Ако не бидат опфатени сите институции ништо не сме направиле, бидејќи станува збор за врзани садови. Ако имате еден здрав орган, не значи дека имате здрав организам во битката со криминалот и корупцијата“, смета Пивоваров.

Меѓу вработените во МВР, пак, се гледа страв. Кај некои веројатно оправдан, а кај некои поради неинформираноста за деталите околу тоа како ќе тече процесот на проверка.

„Независниот синдикат на полицијата, кој има 3.000 члена, до ден денес не е известен за процесот кој подолг период се најавува дека ќе се спроведе“, вели претседателот Гоце Делчев.

Невозможно е, нагласува тој, во која било друга земја да се планира таква сериозна и комплексна реформа, а за тоа да не биде консултиран синдикатот.

„МВР не побарало мислење ниту од мене како претседател ниту од органите и телата на Независниот синдикат. Во таков случај неминовно е да се создаде огромна недоверба кај припадниците на МВР. Кај нив постојат еден куп нејаснотии. На пример, одредени вработени во МВР велат дека поседуваат земјиште оставено во наследство и прашуваат дали и тоа ќе биде предмет на анализа во ветингот и на кој начин ќе се проверува фактичката ситуација. Никој не знае точно по кои нормативи и принципи ќе се спроведува процесот, по која основа ќе се испитува богатството или да речеме стекнатите дипломи“, посочува Делчев и најавува бесплатни адвокатски услуги од синдикатот за оние кои ќе побараат помош.

Наум Котевски

 

Врховни судии ронеа солзи во Албанија

Со слични главоболки се соочуваат речиси сите земји на Балканот, некои помалку некои повеќе. Соседна Албанија, на пример, пред две години реши да побара „лек“ со спроведување ветинг во полицијата, но и кај судиите и јавните обвинители. Сите пополнуваа три формулари (за проценка на имот, проверка на вмешаност во криминал, професионален капацитет) кои детално се проверуваат од Комисијата за квалификација. Посебниот колегиум за апелација и јавните комисионери во соработка со меѓународните набљудувачи.

Од 75 судии, на пример, 30 биле суспендирани, а 15 сами се повлекле, зашто не можеле да го докажат потеклото на стекнатиот имот. Во однос на полицијата интересно звучи податокот дека неколку стотина полициски службеници самоволно ја напуштиле работата пред истекувањето на рокот за предавање на формуларите во кои беа барани податоци за нивната материјална положба пред влегување на работа и актуелната состојба. Државната секретарка на МВР, Магдалена Несторовска, во организација на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, беше во посета на Албанија, а целта беше запознавање со содржините и постапките за донесување и примена на Законот за ветинг на полицијата.

Медиумите на Балканот подолг период надолго и нашироко пишуваат за проветрувањето во албанските институции, посочувајќи ги како светол пример во оазата на криминалот. Ако се види како течел процесот таму, лесно е да се претпостави што ќе се случува тука.

Имено, една од главните тамошни ветинг-ѕвезди беше Адмир Танза, тогашен член на албанскиот Врховен суд. Сликата како стои со солзи во очите, обидувајќи се да ја објасни пресудата за кражба која некогаш му била изречена во Италија беше бргу пренесена. Тој тврдеше дека ја презел одговорноста за злосторство за да ја заштити снаата, мајка на деветгодишниот внук, која била на лечење во тоа време во Италија. Тој се соочи со независната квалификациска комисија која работеше на процена на судиите и обвинителите во албанскиот правосуден систем. На крајот, како што беше пренесено, беше разрешен од должност бидејќи не успеа да го одбрани обвинението кое во Италија беше покренато против него, односно да ги демантира пријавените врски со криминалци, како и да го оправда имотот за кој немал финансиско покритие. Ништо помалку интересен не беше и претседателот на Уставниот суд на Албанија, Башким Дедја, кој е разрешен од функцијата откако не можеше да го објасни потеклото на својот имот. Проблем му направи купувањето стан со површина од 98 квадратни метри во 1997 година. Тој изјавил дека го купил заедно со својот брат, но, при контрола од комисијата, ниту еден од нив немал доволен приход кој го оправдувал ова купување.

Друг судија од Апелацискиот суд, пак, тврдеше дека огромните суми пари му се подарок од пензионираните роднини на неговата сопруга кои живеат во САД. Останатите судии кои се разрешени низ процесот на проверка ги правдаа своите луксузни станови и огромни банкарски сметки говорејќи дека земале позајмици од членови на семејството, или дури дека тие пари се свадбен подарок.

Отпуштањето одреден број судии ги остави институциите во ситуација во која не можеа да функционираат, вклучувајќи го и Врховниот суд, кој остана со една петтина членови од вкупно 19. Процесот беше проширен и на полицијата. Проверката на полицијата во првата фаза подразбираше 12.000 вработени да поднесат образец, лична изјава и документација како би го оправдале своето богатство натрупано во текот на годините на работа во службата. Потоа овие три формулари детално ги проверуваат од Комисијата за квалификација, Посебниот колегиум за апелација и јавните комисионери во соработка со меѓународните набљудувачи.