Ветерот во Скопје туркаше дрвја и оштети неколку лимени покриви

Силниот северен ветер кој дуваше во средата попладне во Скопје предизвика паѓање на дрвја на неколку места – во Автокоманда дрво падна до детска градинка, а и во општината Центар, како и во други делови од градот, имаше слични проблеми од невремето.

Градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ, ги повика жителите да пријават паднати дрвја.

„По краткиот, но силен ветер, паднати се дрва на неколку локации во Центар. Екипите се на терен. Пријавете и вие ако забележите паднато дрво на 195, а во случај на дожд и поплавување на бројот на Водовод и канализација на 02 3073010“, објави градоначалникот Богдановиќ.

И градоначалникот на скопската општина Гази Баба, Борче Георгиевски, се огласи за истиот проблем.

„По пријава од невремето што попладнево го зафати Скопје, и паднатото дрво до детската градинка во Автокоманда, екипите на ЈКП „Гази Баба“ го отстранија истото, улицата е проодна за пешаците и сообраќајот“, напиша Георгиевски.