Ветер со брзина над 100 километри на час откорна покриви, фасади и дрвја во Скопје


Ветерот што синоќа дуваше во Скопје бил со брзина од над 100 километри откорна покриви од згради и дрвја и оштети фасади на повеќе објекти.

Надлежните служби на Градот Скопје работеа цела ноќ да ги санираат штетите од невремето. Една од интервенциите беше на булеварот Партизански одреди, каде што силниот ветер окторна покрив од зграда кој го блокираше сообраќајот до 3 часот по полноќ на една од клучните сообраќајници во Скопје.

Штета има и врз зградата на МЕПСО, каде што се откорна фасадата која беше поставена како дел од проектот Скопје 2014 и за што само за овој објект беа потрошени околу 11 милиони евра.

Ветерот го откорна покривот и на средното хемиско училиште „Марија Склодовска Кири“, а во Чаир врз градинка падна дрво. Од паднатите гранки од дрвјата регистрирани се и штети на возила.

Од Градот Скопје велат дека нивни екипи и екипи на јавните претпријатија интервенирале на седум локации кои биле најкритични.

Управата за хидрометеоролошки работи соопшти дека ветерот дувал во поголемиот дел од државата, кој во западните и во северните делови бил со брзина над 70 километри. Во текот на ноќта и изутринава претежно во западните делови имало врнежи од дожд, а на планините врнежи од снег каде се формирала снежна покривка и имало појава на снежни наноси.

За денеска синоптичарите најавуваат променливо облачно време со повремен дожд особено во западните делови од државата. На планините ќе има врнежи од снег. Ќе дува умерен до засилен западен ветер во западните делови, а долж Повардарието северен и со умерен интензитет. Максималната температура ќе се движи во интервал од 6 до 14 степени.

За Скопје синоптичарите прогнозираат слично време со максимална температура до 10  степени. (Н.В.) (Фото: Град Скопје)