Веста за вакцините против КОВИД-19 ги урна акциите на платформата „Зум“


Акциите на „Зум“ и на другите компании кои нудат опции за работа од дома ја изгубија вредноста по објавувањето на позитивните вести за развојот на вакцината за корона вирус, пренесува „Си-Ен-Би-Си“ (CNBC).

Акциите на Зум паднаа за 17,4 проценти, но не беа поштедени и акциите на „Амазон кои паднаа за 5,1 отсто, на „Нетфликс за 8,6 проценти, а акциите на Шопифај“, компанија за трговија преку Интернет, паднаа за 13,6 проценти.

Вредноста на овие акции се намали откако „Фајзер“ (Pfizer) и „Бионтек“ (BioNTech) објавија дека нивното решение, вакцината против корона вирус, покажала 90 отсто стапка на ефикасност во спречување на инфекции за време на тестирањето во последната фаза.

Инвеститорите годинава се насочија кон акциите на „Зум, Амазон, Нетфликс и Шопифај, додека пандемијата пустоши и спречи повеќето луѓе да ги напуштаат своите домови.

Пред веста за вакцината, акциите на Зум скокнаа рекордни 635 проценти во текот на годината.

Неодамна, безбедносните практики на Зум се најдоа под лупа на федералните и државните претставници во Америка, бидејќи неговата употреба експлодираше за време на пандемија.

ФТЦ гласаше за спогодба која бараше од Зум“ да воспостави сеопфатна програма за безбедност што вклучува проценка на потенцијалните ризици и развој на заштитни мерки од тие ризици на годишно ниво, да се заштити од неовластен пристап до нејзината мрежа со безбедносни мерки како што е автентикација со повеќе фактори и да го ажурира софтверот за решавање на безбедносните слабости.

Зум се согласи да ги засили своите безбедносни практики за да ги реши наводите на Федералната комисија за тргување (ФТЦ) дека компанијата за видео конференции ги доведе во заблуда потрошувачите за заштитата што ја нуди, пренесува Аксиос.