Весна Дамева поднесе тужба до Управниот суд за нејзиното разрешување
Поранешната претседателка на Судскиот совет, Весна Дамева, поднесе тужба до Управниот суд со која ја оспорува законитоста на донесената одлука за нејзиното разрешување.
„Имајќи ја предвид мојата заложба за владеење на правото, како и дека секоја незаконитост треба да се испита и утврди во постапка и на начин согласно со закон, поднесов тужба до Управниот суд, со која ја оспорувам законитоста на донесената одлука за мое разрешување од функцијата претседател на Судскиот совет. Таа се заснова на фактите кои веќе ѝ се познати на јавноста, а тие се дека одлуката е донесена без постоење на законски основ и без да биде спроведена постапка пропишана со закон“, изјави Дамева за МИА.
Дамева, како што изјави, поднела и кривична пријава до ОЈО Скопје поради сторени прекршувања и пречекорувања на законот кои спаѓаат во доменот на кривично-правната област.
Правната заштита, како што појаснува, ја бара не поради неа лично, туку поради заштита на угледот на Судскиот совет и значењето на функцијата претседател на Судскиот совет.
Дамева пред неполн месец, на 26 април, беше разрешена од функцијата претседател на Судскиот совет. На седницата на Судскиот совет настана расправија откако Дамева одби да стави точка на гласање која ја немаше во дневниот ред. Нејзиниот заменик Селим Адеми повика на гласање за нејзино разрешување, при што седум члена го поддржаа, по што тој констатира дека Дамева е разрешена и во нејзино присуство го презеде раководењето со седницата.
Весна Дамева беше избрана за претседателка на Судскиот совет на местото на Павлина Црвенковска во декември минатата година. Функцијата претседател на Судски совет сега ја извршува Сашко Георгиев.