Вештачката интелигенција во функција на инвеститорите – промовиран дигиталниот асистент АДА

Со овој асистент, базиран на вештачката интелигенција, ќе може да се опслужуваат неограничен број заинтересирани и за сега ќе бидат покриени 80 отсто од услугите поврзани со инвестирањето во нашата држава


 

Со дигиталниот асистент АДА, што денеска беше промовирана во Фондот за технолошки развој, заинтересираните инвеститори ќе можат да се информираат за условите за инвестирање и за државната помош во текот на целиот ден, односно 24 часа дневно. Со овој асистент, базиран на вештачката интелигенција, ќе може да се опслужуваат неограничен број заинтересирани и за сега ќе бидат покриени 80 отсто од услугите поврзани со инвестирањето во нашата држава, но според најавите овој обем во иднина ќе се зголемува. Зборува на македонски, албански и англиски јазик. Достапна е на веб сајтот ada.gov.mk.
„Република Северна Македонија се дигитализира. Нашата држава ги следи светските процеси и веќе е дел од бранот на нови модерни трендови кои го зафаќаат секој аспект на нашето живеење“, рече во обраќањето премиерот Димитар Ковачевски.
АДА ќе биде тренирана да ја претстави нашата држава и како поволна инвестициска дестинација и ќе нуди персонализиран пристап при комуникацијата со потенцијални странски инвеститори.
Инспирацијата за дизајнирање на оваа алатка е Ада Ловлајс која се смета за првата програмерка во светот.
Апликантот „Кодвеил анлимитед“ на објавениот јавен повик беше оценет во конкуренција на три проекти како најиновативна идеја за дигитален асистент базиран на вештачка интелигенција.
„Компаниите ќе можат да добиваат целосни информации за условите за инвестирање во нашата земја и за државната помош која што ја нудиме.
„АДА ги нуди сите информации за финансиска поддршка од страна на државата, а нормално ќе се надградува и со други услуги од важност за деловниот сектор и за граѓаните. Преку тоа ќе влијаеме на зголемување на транспарентноста на сите институции кои што се вклучени во овој процес, но и на намалување на корупцијата и елиминирање на човечкиот фактор во процесите“, рече Ковачевски.
Тој посочи дека воведувањето на овој прв дигитален асистент е револуционерен чекор во нашето општество ќе значи забрзување на процесите на давање на услуги на заинтересираните граѓани и претставниците на компаниите кои што ќе можат да бидат услужени во неограничен број и тоа постојано во текот на 24 часа во денот.
„Процесот на дигитализација е незапирлив секаде во светот, а исто така и во нашата држава“, рече Ковачевски додавајќи дека светските трендови се развиваат во правец на развој и се поголема примена на вештачката интелигенција која е навлезена во сите сфери на живеење преку склопување на машини и модернизација на процесот на производство, се до помош во домовите, па дури и до создавање на дела и креации кои што порано биле можни единствено со помош на човекот.
Вицепремиерот Фатми Битиќ рече дека АДА не е најголемиот проект по средствата, но ќе биде еден од најбитните што ќе им помогне на граѓаните и на бизнисот.
„АДА е во суштина материјализирање на се она што го зборуваме за промената која што ни е потребна. Постојано зборуваме за дигитализација, транспарентност, ефективност и ефикасност во јавниот сектор и еве го продуктот кој што треба да не однесе до таму.
„Ќе може да опслужува неограничен број на корисници истовремено, без чекање и непотребно префрлување од институција до институција, ќе обезбедува информации и што е клучно, да се отстрани просторот за манипулација.
Тој додаде дека имало две клучни работи пред две години – едниот извештајот на Стејт департментот каде што во делот за борба против корупција се анализирала дравната помош и помош на инвестиции – и каде што клучната порака била дека е неопходна поголема транспарентност и треба да биде императив.
„Вториот предизвик беше личен, како да им помогнеме на домашните компании навистина да покажат тоа што го знаат – АДА е креирана од домашна стартап компанија и соработката со нив е значајна потврда дека нашите деца можат и знаат, а за нив е порака дека можат да успеат тука во земјава“, рече Битиќи. (М.Ј.)

 

На истата тема:

Како компаниите и инвеститорите ќе го користат дигиталниот асистент АДА