Весели: Вучиќ ги поттикнува провокациите за да предизвика тензии на Балканот и во Косово


Претседателот на косовското Собрание Кадри Весели, по денешното разрешување на министерот за администрација и локална самоуправа во косовската Влада од редовите на Српската листа (СЛ) Иван Теодосијевиќ, оцени дека тој е сменет поради говор на омраза кон Албанците, но оти тие провокации се поттикнуваат од претседателот на Србија Александар Вучиќ, јави дописникот на МИА од Приштина.

Весели на својата страница на Фејсбук напиша дека намерата на Вучиќ е да предизвика тензии на Балканот и во Косово и порача дека Приштина „нема да дозволи Косово да послужи некому во Србија за да остане на власт“.

– Неприфатлив е и нема да се толерира јазикот на омраза и расизам да се користи од страна на еден од раководителите на институциите кој е делегиран од Српската листа. Таквите изјави имаат свој извор и се провокации од страна на Александар Вучиќ со цел да предизвика тензии на Балканот и во Косово. Ние нема да дозволиме Косово да се користи како средство за некој во Србија да остане на власт, напиша Весели.

Тој ја повика Европската унија да реагира на, како што вели, „отворените провокации од Србија и Вучиќ“.

– Косовските институции ќе продолжат да работат за интеграција на Србите во Косово, но никако нема да соработуваме со тие кои имаат намера да сеат омраза и страв, порача Весели.

Косовскиот премиер Рамуш Харадинај го разреши денеска министерот од редовите на СЛ Теодосијевиќ, затоа што ги нарече Албанците „измамници и крвопијци“, а масакрот во Речак во 1999 година „измислица“.

Приштинските медиуми денеска објавија снимка на која Теодосијевиќ на 24 март во Звечане ги изнесува обвинувањата на одбележувањето на 20-годишнината од почетокот на нападите на НАТО против Србија, по што Харадинај го разреши, порачувајќи дека во неговиот кабинет „не може да се толерира таквиот јазик на омраза“.

– Во Владата која јас ја водам нема да има место за никого кој на било кој начин ги навредува другите по етничка, расна, верска или друга основа, објави Харадинај, нагласувајќи дека одлуката стапува во сила веднаш.

Пред петнаесетина дена, Харадинај ја разреши и заменик министерката за правда од истата партија Весна Микиќ, која, исто така по повод годишнината од бомбардирањето на Србија, изјави дека интрервенцијата на НАТО претставувала геноцид против српскиот народ, а борците на Ослободителната војска на Косово (ОВК) биле терористи.