Весели: Охридскиот договор ја демократизира Северна Македонија и го стабилизира Балканот


Претседателот на Собранието на Косово и лидер на Демократската партија на Косово (ПДК) Кадри Весели, по повод 18-годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, порача дека „овој настан претставува најголемо достигнување во напорите на Албанците за да живеат како рамноправни на своите простори“ во Северна Македонија, јави дописникот на МИА од Приштина.

Весели преку објава на Фејсбук оцени дека Охридскиот договор е „доказ оти албанската нација е мирољубива и проблемите претпочита да ги решава по пат на дијалог и разбирање“

– Осумнаесет години од потпишувањето на Охридскиот договор во Северна Македонија. Овој настан претставува најголемо достигнување во напорите на Албанците за да живеат како рамноправни на своите простори во рамките на таа држава. Оваа спогодба е доказ дека албанската нација е мирољубива и проблемите претпочита да ги решава по пат на дијалог и разбирање, напиша Весели.

Спикерот на косовскиот Парламент порача дека „мирот во Северна Македонија е од животно значење и за Косово“.

– Заедно со Договорот за името, таа (спогодба) ја демократизира Северна Македонија и го стабилизира Балканот. Мирот во Северна Македонија е од животно значење и за Косово, затоа ние сме горди што нашите сонародници беа конструктивни и одиграа решавачка улога за евроатлантскиот пат на таа држава, напиша Весели.