Весела Чернева под истрага дека ја предала Бугарија во преговорите со Македонија

Не само против Чернева, туку обвинителството отворило истрага и против Кирил Петков и Асен Василев дека не ги штителе бугарските национални интереси


Весела Чернева учествуваше во конципирањето на надворешната политика на владата на Петков

 

Од скандал во скандал, од афера во афера, од криза во криза. Бугарија е на патот да ги загуби основите на функционирањето откако аудиоснимката на еден пратеник тогаш член на партијата Продолжуваме со промената предизвика политички земјотрес од кој не се знае што ќе произлезе. Главната цел од разни страни очигледно е да се делигитимира партијата на Кирил Петков и да се направи нејзиното учество во договорениот ротациски кабинет со ГЕРБ невозможно. Иако вчера го доби мандатот од претседателот Румен Радев

Во најновата епизода денеска прочитана од шефот на тајната служба пред пратениците во собранието се дозна дека е поведена истражна постапка против Весела Чернева, советничка за надворешна политика на тогашниот премиер Кирил Петков поради тоа што не работела за бугарските национални интереси. Чернева, заменик-директор на Eвропскиот совет за надворешни работи, учествуваше во креирањето на новата политика спрема Македонија, која напосле заврши со кревањето на ветото на Софија и усвојување на декларација која ги поништи озлогласените документи на собранието од 2019.

Пред денешната седница на собранието на која беа сослушувани шефовите на три тајни служби, претседателот Румен Радев вчера му го додели мандатот на претставникот на Продолжуваме со промената, Николај Денков, да се обиде да направи влада согласно договорот за ротациски премиери со ГЕРБ. Давајќи го мандатот Радев му порача на Денков дека се надева оти нема да направи кабинет затоа што партијата му била дискредитирана.

Претседателот на Државната агенција за национална безбедност (ДАНС), Пламен Тончев, на пратениците им кажа дека е „поведена предистражна постапка против советник на бугарски премиер кој советувал државјанин на Македонија“ во врска со пристапувањето на нашата земја во Европската унија. По тоа следеше громогласен аплауз од пратениците на ГЕРБ, Преродба, ИТН и ДПС. Тончев не ги соопшти имињата на советникот и премиерот.

Но подоцна, за време на собраниската расправа на шефовите на службите, Тошко Јорданов од партијата Има таков народ изјави дека Весела Чернева била советничка за надворешна политика за време на редовниот кабинет на Кирил Петков во 2022 година. Тогаш, Има таков народ ја обвини Чернева дека ја саботирала министерката Теодора Генчовска (ИТН) и ја нарече „втор министер за надворешни работи“.

Покрај предистражната постапка на Чернева, од вчера тајната служба ги истражува и копретседателите на Продолжуваме со промената, Кирил Петков и Асен Василев. Без да ги именува, тој потврди дека Софиското градско обвинителство против двајцата покренало предистражна постапка од Глава 1 од Кривичниот законик поради нивните изјави на дистрибуираната аудио снимка од состанокот на раководството на Продолжуваме со промената. Но Тончев не знаеше во какво својство биле повикани вчера на распит во обвинителството – како обвинети или сведоци.

Шефот на ДАНС во одговор на прашањата на пратениците рече дека „министрите од последниот редовен кабинет (кабинетот на Петков) не му служеле на националниот интерес“. И, исто така – дека „немаше шанси дотичниот советник на премиерот да ги извршува своите дејства без дозвола на претпоставениот“ (односно премиерот Кирил Петков).

„Некои министри од редовниот кабинет дефинитивно не го заштитија националниот интерес“, рече првиот човек на ДАНС.

Тој беше прашан дали во ДАНС има податоци дека се прават обиди од странски амбасади да „инсталираат“ свои агенти во бугарските безбедносни служби, како и дали агенти на странски држави биле бугарски министри.

„Тешко е директно да се одговори на вакво прашање со да или не, но однесувањето на некои министри кои беа во редовниот кабинет дефинитивно не го заштитија националниот интерес“, рече Тончев. „Од самиот пример што го дадов со предистражната постапка против советник на премиерот за давање информации на граѓанин на Северна Македонија за преговарачкиот процес, сите знаеме дека дејствијата на ова лице не се извршени без знаењето на неговиот раководител“, нагласи претседателот на ДАНС. (Н.В.)