Весела Чернева оценува дека „има радикализација од бугарска страна“


 

Познатиот бугарски експерт Весела Чернева денеска оцени дека „повлекувањето на бугарскиот амбасадор од Скопје е немерлив гест“ и дека двете земји требале да ги искористат заедничките механизми за да може да се расчистуваат инцидентите како претепувањето во Охрид. Чернева гостуваше во програмата „Денот со Веселин Дремџиев“ на бугарската ТВ1. Таа е заменик-директорот на Европскиот совет за надворешна политика и директорка на канцеларијата на организацијата во Софија, а беше и главен советник за надворешна политика на поранешниот премиер Кирил Петков.

„Ова што се случува е еден синџир на провокации, познат за нас, кои се појавуваат одвреме навреме и многу зависат од политичките циклуси во двете држави. Кога во Бугарија доаѓаат избори обично се крева овој циклус“, рече Чернава. Таа додаде дека на крајниот политички спектар и во Бугарија и во Македонија има две партии кои имаат иста генеза, а некои политичари како Костадин Костадинов (лидерот на националистичката Преродба) поттикнуваат да има постојана напрегнатост меѓу двете земји.

Во понеделникот, Министерството за надворешни работи го повика бугарскиот амбасадор во Скопје, Ангел Ангелов, во Софија поради „сериозната состојба во однос на правата на Бугарите во Северна Македонија и ескалацијата на кривични дела од омраза и манифестациите против нив во последните месеци“. Во вторникот на расправата во парламентот, на која учествуваше и бугарскиот амбасадот Ангел Ангелов, стана јасно дека е можно Бугарија да ја прекине реализацијата на меѓувладините проекти за да ги заштити правата на Бугарите во Македонија.

„Зрелоста на двете земји ќе се мери по тоа како можат да ги искористат постојните механизми за да може на самиот почеток да се расчистат ваквите инциденти“, рече Весела Чернева. Меѓутоа, таа самата во моментов не гледа работа во оваа насока, туку гледа „радикализација од бугарската страна“. „Обичните луѓе со бугарска самосвест страдаат поради провокациите на маргиналците од двете страни на границата“, додаде таа.