Вертикален град изграден во Лондон
Доколку се најдете во поширокото централно подрачје на Лондон, од секој агол ќе може да ја забележите највисоката зграда во Западна Европа. Некому му личи на врв од наострен молив, на други на модерно верзија на Ајфеловата кула. Сепак, „Шард“ има свој уникатен архитектонски изглед. Покрај многубројните туристички атракции што ги нуди Лондон, овој необичен облакодер е неизбежен за голем број туристи. Ова здание е градено по идеја на некогашниот моден могул Ирвин Селар, кој побарал помош од италијанскиот наградуван архитект Ренцо Пиано, да дизајнира зграда која ќе претставува вертикален град во центарот на Лондон. Идејата била таа биде место за живеење, да има канцелариски катови, хотел, како и на највисокиот кат да има отворена галерија и поглед од 360 степени кон Лондон. Започната со изградба е во 2009 година, а со инвестициски инјекции од Катар е конечно завршена и отворена во 2012 година.
Кулата „Шард“ има 95 ката и висока е нешто повеќе од 306 метри. Во неа оперираат 36 лифта од кои некои се и двокатни. Покриена со 11.000 стакла, или по површина колку осум фудбалски игралишта. Има неколку влеза во зградата. Едниот е наменет за жителите во зградата, вториот е за луѓето што работат во фирмите кои се сместени таму, третиот е за луксузниот хотел „Шангри ла“, четвртиот е за стигнување до двата бара кои се сместени на 32. кат и уште еден влез преку кој се стигнува до врвот на зградата и можете да уживате неверојатниот поглед.
Наменета за џет-сет, но достапна и за „смртници“
„Шард“ остава впечаток дека е наменета за луѓе со подлабок џеб, дури и ако сте посетител нема да ви биде дозволено да стигнете до галеријата на последниот кат ако претходно не си резервирате и купите билет. Но има една можност за поевтина варијанта која туристите ја практикуваат. Можете да резервирате маса во еден од баровите кои се на 32. кат и ќе мора да се задоволите со поглед од таа висина, кој секако е магичен, иако не е од 95. кат.
Доколку, пак, непланирано се најдете во близина на „Шард“, може да си ја испробате среќата и да влезете без резервација. Ќе го побарате влезот за баровите, а таму ќе ве пречека љубезно обезбедување кое ќе ве замоли да извадите сè од вашата торба и да поминете под скенер. Бидејќи таму често има гости кои се од џет-сетот од целиот свет, обезбедувањето на „Шард“ е многу внимателно. Откако ќе ја поминете официјалната процедура, член на обезбедувањето ќе ве придружува до лифтот и внатре во него. Во единствениот лифт кој ве носи до 32. кат (внатре немате опција да одберете друг кат), може да собере до 25 лица. Се движи со огромна брзина и нагло ви се затнуваат ушите. Точно за 32 секунди сте на 32. кат. Потоа има уште една процедура, а тоа е фино да ги замолите вработените во еден од баровите да ви најдат место да испиете барем една пијачка. Доколку тоа ви успее, ќе уживате во одличен поглед кон реката Темза, а гледајќи го од таа висина „Тауер бриџ“ и останатите градби ќе ви изгледаат како макета на Лондон. Во баровите може да порачате и мезе и пијалак, но тоа задоволство ќе ве чини околу 20 фунти по човек. Ако сакате да поминете со поскромна потрошувачка, може да пиете чаша вино или пиво. За нив цените се движат од шест фунти, па нагоре.
Магичен поглед кон Темза
Во двата бара има огромни прозорци и посебен дел каде што туристите може да прават фотографии од погледот кон Темза. На тие делови понекогаш се чека и ред, додека сите туристи не го направат „совршеното селфи“.
Кулата „Шард“ е атракција сама по себе, па дури и да се набљудува само однадвор е неверојатна. На зајдисонце таа ги менува и боите, па на моменти е сина, некогаш црвена или жолта.
Доколку ја имате можноста да се шетате низ центарот на Лондон, на пример, низ Весминстер, за да стигнете до „Шард“, ќе ви бидат потребни 10 минути пеш. Само следете го остриот врв и таа ќе се издигне пред вас.
Лифтовите достигнуваат брзина од шест метри во секунда
За „Шард“ кружи и една легенда, кога работниците го завршувале 72. кат, таму пронашле лисица. Не им било јасно како таа се нашла таму и на толку високо, но тие претпоставуваат дека се хранела од остатоците од нивните оброци. Ја нарекле Ромео, а сè уште може да се забележи во блиските зелени зони на соседството. Други поинтересни факти се дека кулата „Шард“ ја граделе 1.500 работници од преку 60 земји од светот. Некои од лифтовите внатре достигнуваат брзина на движење од шест метри во секунда. Во изградбата е користена 360 километри жица, или колку што се оддалечени Лондон и Париз.
Ивана Настеска