Версај изгуби 45 милиони евра заради намален број на странски туристи

Франција – Замокот Версај изгуби 45 милиони евра поради намалениот број посети за време на мерките на изолација, изјави претседателката на музејот Кетрин Пегард, која смета дека мора да се преиспита економскиот модел на оваа установа, јави дописникот на МИА.

Посетеноста на Версај „падна“ во отсуство на странски туристи, со само 10.000 посетители дневно во моментот, или три пати помалку од вообичаеното, соопшти Кетрин Пегард;

-Дневно, ние сме со околу 10 000 посетители, повеќе за време на викендот, помалку во текот на неделата, затоа што нашите посетители се речиси исклучиво Французи. Постепено гледаме враќање на странците, како Германците, Холанѓаните и некои Италијанци, изјави Кетрин Пегард за РТЛ.

Обично, замокот, во кој 80 отсто од посетителите се странци, прима 30.000 посетители на ден во овој период, рече таа. „Финансиски, состојбата е тешка“, се пожали, додавајќи дека замокот што повторно се отвори на јавноста на 6 јуни „изгубил 45 милиони“ од затворањето досега.

-Ова не тера да размислиме што треба да бидеме, што треба да правиме, целиот наш модел, ако можам да кажам така, се распадна, рече таа, потсетувајќи дека „како и да е во историјата, затворањето на замокот се случило само еднаш, во времето на прогласувањето на Втората светска војна “;

Таа сепак увери „дека нема да штеди“ на персоналот, приближно 1.000 вработените во замокот и околу за 20000 други „кои работат околу“ замокот.

Лувр, најпосетуваниот музеј во светот, од своја страна соопшти дека посетеноста е помала за четири пати во јули, со 10000 посетители на ден, ниво сепак во согласност со предвидувањата на неговата управа.